Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот Александар Николоски, раководствата на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“ и дел од скопските градоначалници денеска ќе патуваат со воз од железничката станица Зелениково до Нова железничка станица Скопје со што официјално ќе го промовираат проектот „Градски воз”, што стартуваше со ставањето во функција на оваа железничка линија.
Симболичното патување за „Градски воз“ се реализира на првата од трите предвидени линии: Зелениково- Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче и Нова железничка станица Скопје.
Железници Инфраструктура за потребите на проектот „Градски воз” изврши целосна реконструкција на пругата за да го подигне нивото и капацитетот на брзина на оваа релација.
Сообраќајот на линијата Зелениково-Нова железничка станица Скопје ќе се реализира со три возови според точно утврден ред на возење од страна на МЖ „Транспорт“.
Проектот „Градски воз” е идеја на оваа Влада со цел граѓаните на Скопје како од приградските места, така и од централниот дел да добијат побрз, поефикасен и подостапен јавен градски превоз.
Целта е периферните делови на Скопје да се поврзат со централното подрачје на градот, што ќе значи поевтино патување, пократко патување, помалку чекање и побрз јавен транспорт.
– Особено значајно е што проектот „Градски воз” се интегрира и со сообраќајниот ред на возење на ЈСП и на тој начин се добива квалитетен, интегриран и ефикасен јавен превоз за граѓаните, студентите и учениците – велат од Министерството за транспорт.
Во тек се работи и на проектирање на втората и третата линија од „Градски воз“, едната од Нова железничка станица преку Бутел – Скопје-Север до Ѓорче Петров и другата од Нова железничка станица преку Автокоманда- Маџари до Илинден.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата