Македонскиот тим средношколци постигна одличен резултат на 33. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2026), која од 14 до 20 септември се одржува во Тирана, Албанија. Младите информатичари се враќаат со два медали и две олимписки пофалби, во конкуренција на ученици од вкупно 18 земји.
Сребрен медал освои Владимир Грчев од Кочани, додека бронзен медал му припадна на Дамјан Давков од Штип. Со олимписки пофалби за своите настапи беа наградени и Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица.
Македонскиот тим на натпреварувањето го предводеа Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Дополнително признание за македонската информатичка заедница стигна и преку професорот д-р Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија (ЗИМ). Тој повторно бил избран за претседател на Балканската олимпијада по информатика, со што доби нов тригодишен мандат.
„Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што нашите ученици, наставници и ментори го вложуваат во текот на целата година. Владимир и Дамјан со медали, а Никола и Марко со пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот. Овој континуитет е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари што го негуваме заедно со ФИНКИ“, изјавил Јованов.
Македонските претставници биле избрани преку 37-от целогодишен циклус натпревари организиран од ЗИМ преку платформата mendo.mk, со поддршка од ФИНКИ и компаниите „Сорсикс“, „Нетцетера“ и „Семос едукација“.
На овогодишното издание на олимпијадата учествувале 13 земји-членки на БОИ и пет гостински држави. Младите програмери два дена индивидуално се натпреварувале во решавање на сложени алгоритамски задачи, при што своите знаења и способности ги одмериле со врсници од регионот.
За македонските информатичари натпреварувачкиот период продолжува без пауза. Следниот предизвик е Јуниорската балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2026), која од 22 до 28 септември ќе се одржи во Сараево, Босна и Херцеговина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата