logo
logo
logo

Нова истрага против сопственикот на „ПУЛС“

НА ДЕКО МУ ИСТЕКУВА ПРИТВОРОТ, А СТИГНА НОВО БАРАЊЕ: Утре повторно пред судија за притвор

Vecer | 01.10.2026

НА ДЕКО МУ ИСТЕКУВА ПРИТВОРОТ, А СТИГНА НОВО БАРАЊЕ: Утре повторно пред судија за притвор

Нова истрага е отворена против Дејан Јованов-Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани, а Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побарало тој повторно да биде ставен во притвор. Информацијата ја дознава „Скопје1“, а новото барање доаѓа непосредно пред истекот на актуелниот притвор на Јованов.

Информацијата за „Скопје1“ ја потврди неговата адвокатка Ивана Коцевска, која добила покана утре во 10 часот да се појави пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје. Пред судот треба да биде спроведен и Јованов.

Според информациите со кои располага „Скопје1“, станува збор за ново кривично дело за кое постапува ОЈО ГОКК. Засега нема официјални детали за кое дело станува збор, што конкретно опфаќа новата истрага и дали со неа се опфатени и други лица.

Новиот предлог за притвор доаѓа непосредно пред 3 октомври, кога, според одбраната, на Јованов му истекува притворот по сила на закон во предметот за пожарот во „Пулс“.

Коцевска претходно предложи гаранција како мерка за обезбедување присуство на Јованов во текот на постапката. Таа сега тврди дека нејзините претходни сомневања дека може да биде отворен нов предмет за да се бара нов притвор се оствариле.

„Со оглед дека јас, како бранител на првообвинетиот Дејан Јованов од Кочани, предложив гаранција за обезбедување на неговото присуство во текот на постапката, имајќи предвид дека притворот му истекува по сила на законот на 03.10.2026 година. Првично, гаранцијата сè уште не е прифатена и, како што веќе најавив дека претчувствувам дека притисокот од јавноста ќе ги принуди органите да создадат ново дело и да дадат нов притвор, токму тоа и се случува“, вели Коцевска за „Скопје1“.

Таа посочува дека добила покана за рочиште пред судија на претходна постапка по предлог за притвор поднесен од ОЈО ГОКК.

„Добив покана за рочиште пред судија на претходна постапка по предлог за притвор од ОЈО за ГОКК Скопје, по ново кривично дело против Дејан Јованов, кое ќе се одржи на 02.10.2026 година во 10:00 часот во Основен кривичен суд Скопје, токму еден ден пред истекот на притворот во кочанскиот предмет“, вели адвокатката.

Коцевска остро го критикува новиот предлог за притвор и го оценува како „конструкција“.

„Каква конструкција. Ова е класична манипулација и злоупотреба на правата на мојот клиент. И после ова немојте да се чудите зошто не функционира нашето правосудство, зошто не постои доверба и зошто судот не е независна власт. Ова е доказ дека судот работи под притисок и на овој начин правда никогаш нема да видиме, не само во овој предмет, туку во ниту еден друг, каде секој од јавноста може да се јави како обвинето лице“, вели Коцевска.

Станува збор за ставови и обвинувања на одбраната. За основаноста на предлогот за нов притвор треба да одлучува судија на претходна постапка.

Коцевска уште пред две недели, по едно од рочиштата за пожарот во „Пулс“, јавно изрази сомневање дека може да се бара друг основ за Јованов да остане во притвор.

„Јас добивам впечаток дека има притисок да се најде што било за притворот да се продолжи. Тука притворот по сила на закон не може да продолжи, така предвидува законот, одбраната не е виновна за тоа“, изјави тогаш Коцевска.

Утрешното рочиште треба да покаже на што се темели новата истрага на ОЈО ГОКК и кои се аргументите со кои обвинителството бара Јованов да остане во притвор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk