Новиот закон за финансиски друштва е подготвен и поминато е неговото последно читање, а една од предвидените измени е укинување на исплатите и уплатите во готовина, кои ќе треба да се вршат исклучиво преку трансакциски сметки, информира министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, таа зборуваше за актуелните случувања со финансиските друштва, откако на дел од нив им беа одземени дозволите за работа, за засилените контроли и за подготовката на новото законско решение.
- Го дискутиравме законот за финансиски друштва. Дефинитивно најмногу ми пречеше делот со кешот. Не може да има исплати во готовина, уплати во готовина и тоа е нешто што верувам дека финансиските друштва бурно ќе реагираат. Мора да оди преку сметки, рече Димитриеска Кочоска.
Во однос на контролата на финансиските друштва, министерката потсети дека Министерството за финансии уште во 2024 година испратило циркуларно писмо до сите друштва, со кое ги предупредило да ги почитуваат одредбите од членот 36 од Законот за заштита на потрошувачите, според кој одредени опомени и слични дејствија не смеат да им се наплатуваат на граѓаните.
- Уште во 2024 година, ние како Министерство за финансии имаме испратено едно циркуларно писмо до сите финансиски друштва, со напомена да се внимава токму на член 36 од Законот за потрошувачи, каде што одредени опомени, доставување на опомени и таков тип на дејствија, коишто ги преземаат финансиските друштва, не смеат да се наплаќаат, бидејќи точно тоа е наведено во Законот за заштита на потрошувачите, посочи министерката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата