За 238 илјади ученици – 174 илјади основци и 64 илјади средношколци денеска почнува учебната 2026-2027 година. По летниот распуст тие се враќаат на настава која ќе трае до 10 јуни в година, освен за матурантите за кои ќе заврши на 17 мај. Зимскиот распуст помеѓу двете полугодија ќе биде од 31 декември до 21 јануари.
Наскоро ќе бидат дефинитивни бројките за запишани првоодделенци и средношколци. Засега во МОН се пристигнати податоци за 14 952 запишани првачиња и за 16 932 ученици во прва година средно.
Учебниците се распределени во училишатата во примероци колку што тие побарале од МОН, а во процес е и оптимизација на училишната мрежа и затворање на училишта со малку ученици во руралните средини, кој тече паралелно со воведувањето едносменска настава.
-Набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција. Трета година по ред учебниците се навремено набавени во тираж кој го побараа училиштата. Тие се испорачани и од 1 септември може да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што прашањето за учебници повеќе не е предизвик како во минатото, истакна Јаневска вчера на прес-конференција.
Целосно нови учебници во полн тираж се набавени за прво, второ и трето одделение, со оглед дека во нив има и работни листови, како и за осмо одделение и за втор клас во гимназиско образование, каде што од оваа година ќе се учи по нови наставни програми според планот за реформа на основното и средното образование.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата