logo
logo
logo

ПОРАДИ КРУПНИ ПРОФЕСИОНАЛНИ ГРЕШКИ И ИЗНЕСУВАЊЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА СУДСКИ ПРЕДМЕТИ, Владата побара разрешување на Коцевски

Vecer | 09.12.2025

ПОРАДИ КРУПНИ ПРОФЕСИОНАЛНИ ГРЕШКИ И ИЗНЕСУВАЊЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА СУДСКИ ПРЕДМЕТИ, Владата побара разрешување на Коцевски

Владата денеска го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, со што постапката – која беше привремено прекината за време на изборниот период – продолжува согласно законските процедури.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, на прес-конференција изјави дека причините за оваа одлука се „веќе јавно познати и претходно образложени“.

Таа појасни дека, врз основа на член 88 став 1 од Законот за јавно обвинителство и по добиено мислење од Советот на јавни обвинители, Владата му предлага на Собранието да го разреши Коцевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија.

Во образложението се наведува дека иницијативата се однесува на „крупни професионални пропусти“ во раководењето со институцијата, кои, според Владата, влијаеле на нејзината ефикасност и функционалност, како и на „неовластено споделување информации и податоци за судски предмети“, што претставува повреда на обврската за заштита на тајноста на постапките.

Во документот се посочува и дека непостапувањето согласно обврските утврдени со Уставот, законите и меѓународните договори резултирало со нарушена функционалност и интегритет на Јавното обвинителство. Според член 27 став 1 од Законот за јавно обвинителство, токму јавниот обвинител е одговорен за општата состојба и организацијата на работата на институцијата.

Со ваквото постапување, се додава во објаснувањето, Коцевски ја повредил и законската должност за зачувување на угледот на функцијата, утврдена во член 82 став 1 од истиот закон.

Владата препорачува Собранието да го разреши Љупчо Коцевски од функцијата државен јавен обвинител.

Предлогот за разрешување сега се доставува до Собранието, кое треба да донесе конечна одлука.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk