Доктор Џереми Лондон, кардиоваскуларен хирург со повеќе од 25 години искуство, од сопствено искуство предупредува дека некои симптоми на срцев удар лесно можат да бидат занемарени. Лондон доживеал срцев удар во 2022 година, а токму симптомите што ги игнорирал пред тој настан денес ги истакнува како предупредување за другите. Со своето медицинско знаење и личната приказна, тој јавно говори за знаците кои можат да укажуваат на сериозен проблем со срцето и апелира да не се потценуваат.
Симптомите што и самиот ги занемарил
Д-р Лондон, кој работи во американската сојузна држава Џорџија, признал дека долго време игнорирал еден од најпознатите знаци на срцев удар – болката во градите.
Пред да замине на лов со својот син, забележал неколку поблаги симптоми. Чувствувал недостаток на енергија, бил поизморен од вообичаено и повремено имал киселини во желудникот (рефлукс), но не сметал дека зад тоа би можел да се крие сериозен здравствен проблем.
Во текот на ловот, ситуацијата се променила. Почувствувал силна болка во градите, која била толку интензивна што, како што опишал, буквално го фрлила на колена. Станувало збор за симптом што може да биде поврзан со недостаток на доток на крвта до срцевиот мускул.
И покрај тоа, се обидел да продолжи со денот и самиот се вратил дома со автомобил. Патувањето траело околу еден час, а болката со текот на времето се смирила откако одморил и со терапијата што ја земал. Но, веќе следното утро, штом почнал да се качува по скалите, болката се вратила со истиот интензитет.
Тогаш сфатил дека повеќе не смее да чека. Го контактирал пријателот кој исто така е кардиолог, а со итен преглед на срцето лекарите откриле дека една коронарна артерија му била речиси целосно затната, дури 99 отсто.
Четири знаци на кои треба да обрнете внимание
Во неодамнешно видео на Јутјуб, д-р Лондон објаснил кои симптоми луѓето не би требало да ги игнорираат.
„Првиот и најважен знак е болка или притисок во градите и недостиг на воздух што се појавуваат при физички напор и исчезнуваат кога ќе се одморите. Тоа може да укажува на можно затнување на една од срцевите артерии“, рекол тој.
Како втор знак ја навел несвестицата или чувството дека ќе ја изгубите свеста.
„Особено обрнете внимание ако тоа никогаш претходно не ви се случувало. Тоа може да биде поврзано со проблеми со електричниот систем на срцето или со срцевите залистоци“, објаснил тој.
Третиот знак е невообичаен замор кој не може да се објасни со количината на физичка активност.
„Ако претходно сте можеле да пешачите пет километри без проблем, а сега мора да застанете бидејќи не можете да дојдете до здив, тоа е нешто што треба да се провери. Или ако се вратите од продавница толку исцрпени што мора веднаш да легнете“, рекол тој.
Како последен симптом го издвоил отекувањето на нозете. Кога срцето не ја пумпа крвта доволно ефикасно, течноста може да почне да се наталожува во телото, најчесто во долните делови на нозете.
Не ги игнорирајте предупредувањата на телото
Д-р Лондон нагласува дека овие симптоми не значат автоматски дека личноста има срцева болест, но не треба да се занемаруваат. Ако се појават нови, невообичаени или сè поизразени симптоми, важно е да се обратите кај лекар за да се утврди причината и, ако е потребно, да се направат дополнителни испитувања.
Болестите на срцето и на крвните садови се меѓу водечките причини за смрт во светот. Коронарната срцева болест е најчестиот облик на срцевите болести, а токму таа најчесто доведува до срцев удар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата