На 28 август православните верници ја одбележуваат Голема Богородица, односно празникот Успение на Пресвета Богородица. Денот има посебно место во македонската традиција, а низ генерациите се пренесувале и бројни обичаи и верувања поврзани со тоа што треба, а што не треба да се прави.
Особено внимание во народната традиција се посветува на домашните работи. Според старите верувања, на овој голем празник жените не треба да се занимаваат со тешка работа и денот треба да го поминат во мир и спокој.
Не се шиело, плетело и везело
Едно од распространетите народни верувања е дека на Голема Богородица не треба да се шие, плете или везе. Овие работи традиционално се оставаат за наредните денови, а празникот се посветува на молитва и семејството.
Празничниот ден не е за големо чистење
Според народните обичаи, се избегнувале и перењето, чистењето и другите тешки домашни работи. Наместо тоа, домот се подготвувал однапред за празникот, за на самиот ден семејството да може да се посвети на празнувањето.
Без караници и лоши зборови
Голема Богородица се смета за ден кој треба да се помине во мир, слога и почит. Затоа во народната традиција се советува да се избегнуваат расправии, навреди, гнев и лоши зборови.
Не започнувајте големи работи
Постарите велат дека на голем празник не треба да се започнуваат големи домашни работи, поправки или други тешки обврски. Се верувало дека таквите работи треба да почекаат, а празникот да биде посветен на духовниот мир.
Сепак, важно е да се направи разлика меѓу црковното учење и народните верувања. Православната црква нема посебни правила според кои жените на Голема Богородица не смеат да перат, чистат, шијат или да извршуваат одредена домашна работа.
Суштината на празникот е во молитвата, благодарноста, мирот и почитувањето на празничниот ден. Народните обичаи се дел од традицијата и културното наследство, но не треба да се сфаќаат како задолжителни верски забрани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата