Листата на најбогатите луѓе во светот повторно претрпе значителни промени.Според најновите проценки на „Форбс“, дури седум од десетте најбогати милијардери во текот на последниот месец го смениле својот пласман, а најголемото поместување го направи основачот на „Амазон“, Џеф Безос, кој повторно се искачи на второто место.
Богатството на Безос за само еден месец пораснало за проценети 102 милијарди долари, достигнувајќи околу 370 милијарди долари. Огромниот скок е поврзан со новите проценки на вредноста на неговата вселенска компанија „Blue Origin“, како и на стартапот за индустриска вештачка интелигенција „Prometheus“.
Со ова Безос за првпат од мај 2025 година повторно се најде на второто место на листата на „Форбс“. Од таа позиција го потисна Лери Пејџ, еден од основачите на „Гугл“, кој сега е трет со проценето богатство од околу 286 милијарди долари.
На самиот врв и понатаму убедливо се наоѓа Илон Маск. Неговото проценето богатство достигнува неверојатни 936 милијарди долари, а само во последниот месец пораснало за околу 44 милијарди долари, главно поради зголемената вредност на неговата вселенска компанија „SpaceX“.
Маск сега има повеќе од двојно поголемо богатство од Безос
На четвртото место сега е Мајкл Дел, чие богатство за еден месец се зголемило за околу 28 милијарди долари и достигнало 268 милијарди долари. Причината е силниот раст на акциите на „Dell Technologies“, кои поскапеле за 18 проценти благодарение на зголемената побарувачка за сервери поврзани со вештачката интелигенција.
Основачот на „Гугл“, Сергеј Брин, падна на петтото место, иако и неговото богатство се зголемило. Брин во последниот месец додал околу 7 милијарди долари, со што неговото богатство достигнало приближно 263 милијарди долари.
На шестото место останува Марк Закерберг, иако неговото богатство забележало еден од најголемите скокови меѓу најбогатите. Основачот на „Мета“ за само еден месец станал побогат за околу 55 милијарди долари, достигнувајќи вкупно 251 милијарда долари, поттикнат од растот на акциите на компанијата.
Од листата, пак, испадна шпанскиот моден магнат Амансио Ортега, основачот на „Зара“. Неговото богатство се намалило за околу 6 милијарди долари, на 141,8 милијарди долари, што било доволно да ја загуби позицијата меѓу десетте најбогати луѓе во светот.
Пад забележал и Лери Елисон, чие богатство се намалило за околу 13 милијарди долари и сега се проценува на 179 милијарди долари. Намалувањето доаѓа по падот на акциите на „Oracle“, компанијата чиј основач е Елисон.
Според „Форбс“, вкупното богатство на десетте најбогати луѓе во светот во октомври достигнало околу 3,1 трилиони долари. Тоа е значителен пораст во однос на претходниот месец, кога нивното заедничко богатство се проценувало на околу 2,8 трилиони долари.
Топ 10 најбогати луѓе во светот во октомври 2026 година:
Илон Маск
Џеф Безос
Лери Пејџ
Мајкл Дел
Сергеј Брин
Марк Закерберг
Џенсен Хуанг
Лери Елисон
Стив Балмер
Ворен Бафет
Сите десетмина на листата се Американци, а дури шестмина од нив имаат проценето богатство од најмалку 200 милијарди долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата