logo
logo
logo

Постигнат извесен напредок во врска со пловидбата низ Ормускиот теснец, вели шефот на индиската дипломатија

Vecer | 16.03.2026

Постигнат извесен напредок во врска со пловидбата низ Ормускиот теснец, вели шефот на индиската дипломатија

Индискиот министер за надворешни работи Сухбрахманјам Џаишанкар синоќа изјави дека постигнал „извесен напредок“ за време на разговорите што ги имал со ирански претставници, а во врска прашањето за повторното отворање на Ормускиот теснец за поморска пловидба што речиси целосно беше затворен по почетокот на воените напади на САД и на Израел врз Иран.

„Моментално сум во контакт со нив и разговорите дадоа извесни резултати“, изјави Џаишанкар во интервју за весникот „Фајненшл Тајмс.

Негова оценка е дека токму непосредни разговори со Иран се најефикасниот начин повторно да воспостави пловидба низ Ормускиот теснец.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во саботата ги повика земјите да испратат воени бродови за да обезбедат непречен транспорт низ Ормутскиот теснец.

Трамп во пост објавен на социјалната мрежа „Truth Social“ изрази надеж дека земји како Кина, франција, Јужна Кореја, Велика Британија ќе испратат бродови за да ја обезбедат значајната поморска рута низ која се врши транспорт на петтина од светската нафта.

Џаишанкар изјави дека е во контакт со Техеран и оти „разговорите даваат одредени резултати“.

Два танкери што пловат под индиско знаме, со околу 92.712 метри кубни течен гас, во саботата поминале низ Ормускиот теснец и се на пат кон Индија.

Шефот на индиската дипломатија посочува дека тоа е пример што може да постигне дипломатијата.

„Од гледна точка на Индија, секако е подобро да разговараме, да се координираме и да изнајдеме решение отколку да не се обидеме“, изјави Џаишанкар.

Тој додаде дека не постои „општо договорена шема“ за бродовите што пловат под индиско знаме и оти Иран не добил ништо за возврат.

На прашањето дали европските земји би можеле да го следат примерот на Индија, Џаишанкар одговори дека „секој однос со Иран има свои специфики“, што ги отежнува споредбите, но нагласи подготвеност да го сподели индискиот пристап со престолнините на ЕУ, напоменувајќи дека многу од нив веќе воделе разговори со Техеран.

„Иако ова е добредојден развој на ситуацијата, разговорите продолжуваат бидејќи сè уште има работа“, заклучи индискиот министер за надворешни работи.

Откако САД и Израел ја започнаа воената кампања против Иран на 28 февруари Техеран речиси целосно ја забрани поморската пловидба низ Ормускиот теснец. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk