Квадратен метар од неверојатни 138.000 долари, станови вредни 550 милиони долари и живот без данок на брегот на Медитеранот - добредојдовте во Маретера, новоизградена населба во Монако која официјално ја понесе титулата најскапа во светот, оставајќи ги зад себе дури и најлуксузните населби во Дубаи.
На шест хектари земјиште „грабнато“ од морето во Кнежевството Монако, никна комплекс кој е дом на милијардери, возачи на Формула 1 и светската елита. Меѓу најимпресивните згради е 17-катната кула „Ле Ренцо“, дизајнирана од познатиот италијански архитект и добитник на Прицкеровата награда Ренцо Пијано. Нејзината структура, како што пишува Форбс, наликува на брод што излегува од бродоградилиште.
Сите станбени згради, вкупно 130 станови и вили, беа распродадени пред проектот официјално да биде завршен на крајот на 2024 година. Изградбата траеше 11 години и чинеше околу 2,3 милијарди долари.
Поскапо од најлуксузните вили во Дубаи
Маретера е дизајнирана од самиот почеток како ултра-ексклузивна населба. Проектот е тесно поврзан со принцот Алберт II и локалниот милијардер Патрис Пастор, кој е и најголемиот инвеститор.
Селекцијата на купувачи беше строго селективна: потенцијалните сопственици поминаа низ лични интервјуа и одобрување од самиот Пастор и извршниот директор Гај Томас Леви-Сиан, додека на посредниците воопшто не им беше дозволен пристап. Денес, кратко по завршувањето на работите, некои од становите веќе се препродаваат - по драстично повисоки цени.
Иако точните податоци за препродажбата остануваат тајна, локалните агенти за недвижности известуваат за понуди од околу 138.850 долари по квадратен метар, што е за 33 проценти повеќе од цената што ја платиле првите купувачи.
Изнајмувањето е посебна приказна - месечната кирија за некои имоти надминува 130.000 долари. Стан од 525 квадратни метри во кулата Ле Ренцо се нуди за 73 милиони долари (околу 139.000 долари по квадратен метар), што е двојно поскапо од најскапите локации во Дубаи.
Вили со кино сали, сауни и цени до 350 милиони
Цените на вилите во овој комплекс одат уште подалеку. Една од нив, со шест спални соби, сала за дегустација на вино, внатрешни и надворешни базени, спа центар, сауна, сала за масажа и приватно кино, се проценува на 41,7 милиони долари.
Сепак, агентите истакнуваат дека најскапите вили во Маретера надминуваат 200 милиони евра, додека вредноста на седум куќи изградени директно на брегот - единствените такви приватни згради во Монако - се проценува помеѓу 290 и 350 милиони долари.
Рекордни половина милијарда долари за еден стан
Маретера веќе го сруши официјалниот светски рекорд за најскап дом некогаш продаден. Украинскиот милијардер Ринат Ахметов купи стан со 21 соба, распореден на пет ката на врвот од кулата Ле Ренцо. Според податоците објавени од Блумберг, трансакцијата изнесувала неверојатни 550 милиони долари. Со ова е соборен претходниот рекорд поставен во Хонг Конг во 2017 година, кој изнесувал 319 милиони долари.
Монако моментално е дом на најмалку 29 милијардери, со вкупно богатство проценето на околу 167 милијарди долари. Со население од 38.857 жители, ова значи дека има по еден милијардер на секои 1.340 жители, што е највисока концентрација на најбогати луѓе по глава на жител на планетата.
Меѓу познатите жители на Маретера се британскиот хемиски магнат Џејмс Ратклиф, возачите на Формула 1 Макс Верстапен и Шарл Леклер, а списокот на богати луѓе кои се преселуваат во Монако продолжува незапирливо да расте
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата