Карни: Канада нема да им дозволи на натпреварувачи од Русија или Белорусија да учествуваат на Светското јуниорско првенство во хокеј

Vecer | 04.11.2026

Карни: Канада нема да им дозволи на натпреварувачи од Русија или Белорусија да учествуваат на Светското јуниорско првенство во хокеј

Канада нема да им дозволи на натпреварувачи од Русија или Белорусија да учествуваат на Светското јуниорско првенство во хокеј на мраз, кое треба да започне следниот месец во покраината Алберта, изјави во вторникот премиерот Марк Карни пред новинарите.

Канада, клучен меѓународен сојузник на Украина во војната против Русија, веќе ја осуди одлуката на Спортскиот арбитражен суд од минатата недела, со која им се дозволува на Русите да се натпреваруваат на настани организирани од Меѓународната федерација за хокеј на мраз.

Предвидено е Светското јуниорско првенство да се одржи во периодот од крајот на декември до почетокот на јануари.

„Сè додека Русија и Белорусија ја поддржуваат оваа незаконска, неоправдана и ужасна војна во Украина, и сè додека таа трае, ниту еден од тие спортисти нема да се натпреварува за својата земја во Канада“, изјави канадскиот премиер. „Значи, ако прашувате конкретно за Светското јуниорско првенство – Русите нема да бидат таму“, рече тој на телевизиска прес-конференција одржана по завршувањето на самитот во Антигва.

Претходно во вторникот, националните федерации за хокеј на мраз на Норвешка, Данска, Шведска и Чешка изјавија дека ќе одбијат да играат против Русија на Светското првенство во хокеј на мраз за мажи, кое следната година ќе се одржи во Германија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk