Пријателството е сложен однос, а границата меѓу платонската и романтичната љубов понекогаш е толку тенка што лесно може да се премине, а притоа и да не го забележите тоа. Но, како да знаете дали чувствата се обострани и дали вашето пријателство прераснува во нешто повеќе?
Овој премин често е суптилен, проследен со измешани сигнали и неизречени очекувања. Ако не обрнете внимание навреме, може да се најдете во непријатна ситуација, не знаејќи како да реагирате.
Промена во приоритетите и комуникацијата
Еден од најочигледните знаци е промената во начинот на кој го поминувате времето. Тоа што станувате нечиј приоритет – наместо една од многуте опции – е јасен показател. Таа личност сака да поминува што е можно повеќе време со вас, а понекогаш дури и ги откажува другите планови или го прекројува својот ден само за да ве види.
Иако претходно можеби сте се дружеле во поголеми групи, сега сè повеќе претпочита средби „еден на еден“. Ако сте во контакт или се гледате речиси секојдневно, голема е веројатноста дека станува збор за нешто повеќе од обично пријателство.
Знаци на љубомора
Обрнете внимание на тоа како се чувствувате двајцата кога разговарате за вашиот љубовен живот. Ако чувствувате непријатност или вознемиреност додека пријателот зборува за некој друг – или обратно – тоа е знак дека вашиот однос надминува обично пријателство. На крајот на краиштата, зошто инаку би ви пречеле таквите разговори?
Друг показател е кога тие почнуваат да ги омаловажуваат или да зборуваат негативно за луѓето за кои сте заинтересирани. Ова може да биде потсвесен обид да се намали вашиот интерес за некој друг. Блага, здрава доза на заштитнички став и трошка тага кога спомнувате личност што ви се допаѓа, исто така се знаци на љубомора која ги надминува пријателските рамки.
Говорот на телото не лаже
Невербалните сигнали често откриваат повеќе од зборовите, забележува *The Modest Man*. Ако забележите дека одеднаш сте станале срамежливи во нивно присуство, гледате надолу или пелтечите, тоа може да значи дека сте развиле подлабоки чувства. Истото важи и ако другата личност се однесува понеспретно од вообичаено.
Зголемената потреба за физички контакт – како што се „случајни“ допири, подолги прегратки или седење необично блиску – често ја крие желбата за блискост. Обрнете внимание на реакциите: ако личноста се тргне, се насмевне, поцрвенее или се збуни, веројатно чувствува исто.
Дури и имитирањето на вашите гестови или тонот на гласот е потсвесен знак за интерес. Понатаму, ако двајцата почнете да посветувате повеќе внимание на изгледот пред да се видите – додека претходно сте се гледале во најобична, секојдневна облека – ситуацијата е прилично јасна.
„Испитување на теренот“ преку шега и флерт
Пријателите кои немаат романтични чувства еден кон друг ретко фантазираат за тоа како би било да бидат во врска. Сепак, ако таквите шеги, задевања и лесен флерт редовно се појавуваат во вашата комуникација, речиси е сигурно дека односот не е само платонски. Ова често се начини да се „испита теренот“ и да се процени вашата реакција.
Може дури и директно да ве прашаат што мислите за нив или како се чувствувате во врска со времето што го поминувате заедно. На вас останува дали ќе ги препознаете овие сигнали или ќе ги игнорирате, но тие веќе ги пренеле чувствата на овој начин.
Длабока емотивна поврзаност
Кога некој сака нешто повеќе од обично пријателство, почнува да гради подлабока емотивна врска. Ќе ви се отвори за своите најголеми стравови и соништа, споделувајќи ги ранливите страни на својата личност. Со тоа, гради доверба и се надева дека и вие ќе возвратите на ист начин.
Исто така, ќе почне да ги памети и најситните детали за вас – од вашиот омилен вкус на сладолед до важните датуми. Ќе ви бара мислење и совет за значајни животни одлуки, покажувајќи дека ја цени вашата проценка. Ќе почне да ве вклучува во своите идни планови, користејќи „ние“ наместо „јас“, и ќе ве запознае со својот најблизок круг луѓе – семејството и пријателите.
Активност на социјалните мрежи
Во дигиталната ера, трагите често се оставаат и онлајн. Ако забележите дека постојано ги „лајкува“ вашите стари фотографии, редовно ги коментира вашите објави и ве означува во содржини што би можеле да ве интересираат, тоа е знак дека постојано сте му во мислите. Зголемениот ангажман на социјалните мрежи е современ начин за покажување интерес што ги надминува рамките на пријателство.
Кога некој ќе развие романтични чувства кон вас, неговото однесување неизбежно се менува. Ќе бара изговори да остане во контакт со вас, ќе ви посветува повеќе внимание, а неговата енергија ќе испраќа јасна порака. Ако ги препознаете овие знаци, голема е веројатноста дека таа личност не ве гледа само како пријател, туку како некој со кого би можела да дели иднина.
Извор: www.index.hr
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата