Во градот Праја а Маре во Калабрија, на децата под 14 години не им е дозволено да останат сами на јавни места по еден час по полноќ.
За прекршување на оваа одредба, која е во сила втора летна сезона по ред, родителите или старателите се соочуваат со казни до 500 евра. Локалните власти објаснуваат дека целта е да се зголеми безбедноста и да се спречат проблеми со малолетници.
Зошто е воведен ноќниот полициски час?
Според правилата, кои ќе важат до крајот на август, децата под 14 години можат да бидат надвор само по еден часот наутро ако се во придружба на родител или друго одговорно возрасно лице. Градоначалникот на Праја а Мареа, Антонино Де Лоренцо, ја објасни одлуката со опасностите на кои се изложени малолетниците во текот на ноќта.
Во регулативата, сообраќајните несреќи, можните физички напади и консумирањето алкохол и дрога се наведени меѓу главните ризици. Мерката беше воведена откако полицијата забележа зголемување на ноќните собири на малолетници, кои често завршуваа со нарушување на јавниот ред, вандализам, оштетување на имотот и фрлање ѓубре.
Властите нагласуваат дека сакаат да ги заштитат децата, но и да го зачуваат редот и мирот за жителите и посетителите. Тие посветија посебно внимание на ноќното возење со електрични тротинети, а неколку од нив веќе се конфискувани. Градоначалникот на социјалните мрежи изјави дека е подготвен да ја укине забраната доколку се намали бројот на случаи на вандализам и консумирање на нелегални супстанции кај младите.
Поделени реакции на јавноста
Мерката предизвика поделени реакции. Некои родители и сопственици на ресторани ја поддржуваат одлуката и веруваат дека таа ќе придонесе за поголем ред, додека други ја сметаат за прекумерна бидејќи ги ограничува дури и оние кои се однесуваат соодветно.
Критичарите, исто така, предупредуваат дека ваквите правила би можеле непотребно да ги стигматизираат младите луѓе. Минатата година беа забележани случаи во кои тинејџерите едноставно ја заобиколуваа забраната со одење на соседни места каде што немаше такви ограничувања.
Нови ограничувања низ Италија
Праја а Маре не е единственото туристичко место во Италија кое ги заострува локалните правила поради проблеми поврзани со големиот број туристи. Поради гужвите, отпадот и несоодветното однесување, многу италијански градови и одморалишта воведуваат нови ограничувања и високи казни.
На некои плажи во Сардинија, на пример, бројот на посетители е ограничен, додека во областа Чинкве Тере постојат строги правила за соодветна обувка за планинарски патеки. Затоа, на туристите им се препорачува да ги проверат локалните прописи пред да пристигнат, бидејќи тие можат значително да варираат од место до место, а казните можат да достигнат и неколку стотици евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата