logo
logo
logo

Германско здружение поднесе жалба против „Мета“ поради паметни очила, бара забрана за продажба

Vecer | 13.08.2026

Германско здружение поднесе жалба против „Мета“ поради паметни очила, бара забрана за продажба

Во пријавата се наведува дека овие уреди – конкретно моделот „Ray-Ban Meta Wayfarer“ – ги прекршуваат германските закони за дигитална приватност.

Ова претставува најнов случај на правен притисок во земја каде што правото на приватност е високо ценето, пренесува „Ројтерс“.

Организацијата ја поднесе пријавата до Централната канцеларија за борба против сајбер-криминалот (ZIT) со седиште во Франкфурт, насочена против раководството на „Meta“, производителот на очила „EssilorLuxottica“ (во чија сопственост е брендот „Ray-Ban“), како и против трговците на мало „Fielmann“, „Apollo-Optik“, „Mister Spex“ и „MediaMarkt“.

„Не можете да им побегнете на паметните очила. Во секој момент мора да претпоставите дека некој ве снима и дека снимката ќе ја објави на интернет“, изјави извршната директорка на „HateAid“, Жозефин Балон.

HateAid истакнува дека нејзината претставка се заснова на сојузниот закон за заштита на дигитални податоци. Тој закон ја забранува продажбата на комуникациски уреди наменети за тајно снимање на луѓе.

Од Mister Spex изјавија дека прашањето за заштита на приватноста го сфаќаат многу сериозно, но дека сè уште не се официјално известени за претставката. Другите споменати компании и ZIT не одговорија веднаш на барањата за коментар.

Германскиот регулатор за дигитални комуникации, Сојузната агенција за мрежи (BNetzA), уште кон крајот на 2023 година објави дека се забранети поврзани уреди способни за тајно аудио или видео снимање.

Во средата, агенцијата за „Ројтерс“ изјави дека внимателно го следи пазарот на паметни очила, но во моментов не спроведува официјална истрага.

„Поседувањето, увозот или продажбата на паметни очила не се забранети, под услов функцијата за снимање да биде јасно видлива – на пример, преку светлосен сигнал“, објасни портпарол на агенцијата. Во јули, медиумската куќа SWR објави дека и органот за заштита на податоци на покраината Хамбург презема правни мерки во врска со употребата на паметни очила.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk