Октомври е месец кога дел од зимските центри ги објавуваат своите први зимски туристички понуди. ПАРИ истражи дел од понудата на ски-центрите во регионот за подобар увид во тоа колку би чинело седумдневно зимување, за четиричлено семејство, во некои од најпосетените дестинации – Банско, Копаоник, Маврово, Јахорина, и новиот црногорски туристички адут – Колашин.
Македонските туристички агенции веќе ги пуштија првите понуди за зимската сезона 2026/2027, а најголем избор засега има за Банско и Копаоник.
Раните резервации носат попусти од 10 до 25 проценти, а дел од хотелите нудат и „7=6“ – седум ноќевања по цена на шест. За четиричлено семејство, сепак, само сместувањето може да чини од околу 630 евра во Маврово до над 1.600 евра во поскапите регионални центри, без ски-карти, превоз и опрема.
Прегледот на понудите на повеќе домашни агенции покажува дека зимата веќе е во продажба. Pilot Travel има 12 понуди за Србија и околу 50 за Бугарија, со хотели во Копаоник, Банско, Боровец и Пампорово. Balkan Express, Sama Holiday, Vesna Tours, Explora и други агенции исто така веќе имаат објавено ценовници и early booking услови.
БАНСКО: ВО ТЕК СЕ ПОПУСТИ ЗА РАНА РЕЗЕРВАЦИЈА

Најмногу конкретни понуди има за Банско, каде попустите за рана резервација во дел од хотелите важат до крајот на октомври или ноември. Еден конкретен пример е Vihren Royal Palace 4*. Двоспален апартман за четири лица во периодот од 4 до 22 јануари чини 229 евра на ноќ, со појадок. Без попуст, седум ноќевања би чинеле 1.603 евра.
Но, хотелот нуди 15% попуст за резервација до 31 октомври или алтернативно акција „7=6“. Попустот и бесплатната ноќ не се комбинираат. Со 15% early booking, седумте ноќи би чинеле околу 1.363 евра, а со „7=6“ околу 1.374 евра. Во цената се вклучени појадок, базен, сауна, парна бања, џакузи, фитнес и туристичка такса.
Кај други хотели цените се пониски, но зависат од типот на собата и возраста на децата. Royal Park, на пример, има семејни соби и едноспални апартмани од околу 53–57 евра по лице дневно во главниот дел од сезоната, со дополнителни попусти за деца.
КОПАОНИК: ХОТЕЛСКОТО СМЕСТУВАЊЕ ДУПЛО ПОСКАПО ОД ПРИВАТНИТЕ АПАРТМАНИ

Кај Копаоник разликата меѓу апартманско и хотелско сместување е уште поголема.
Во Vila Kopaonik, студио со капацитет до пет лица чини 692 евра за седум ноќевања во периодот од 17 јануари до 14 февруари. Станува збор само за наем – без храна. Објектот е на околу 250 метри од ски-патеката.
Семејство што бара хотел со храна ќе плати значително повеќе. Во Srebrnac 2* апартман за четири лица во периодот од 17 јануари до 12 февруари чини 222 евра дневно, со појадок и вечера. За седум ноќи тоа се 1.554 евра, без ски-пас и туристичка такса.
Оттука, само изборот дали семејството ќе престојува во апартман и само ќе се храни или ќе избере хотел со полупансион може да направи разлика од речиси 900 евра за една недела.
МАВРОВО: ЦЕНИТЕ ВО ЧЕКОР СО РЕГИОНАЛНИТЕ КОНКУРЕНТИ

Во домашните агенциски понуди засега има помалку јавно објавени конкретни ценовници за Маврово отколку за Банско и Копаоник.
Но, директните понуди на сместувачките капацитети покажуваат значително пониски почетни цени. Mia’s Favorite Hotel Mavrovo објавува цена од 90 евра за ноќ за Family Suite, со две спални соби. Две деца до 12 години престојуваат бесплатно, а во цената е вклучен појадок. Тоа дава почетна цена од околу 630 евра за седум ноќевања за четиричлено семејство.
Хотелот има и зимска промоција „резервирај три дена, добиј еден бесплатно“, но за конкретен зимски термин треба да се провери дали акцијата важи за избраните датуми.
ЈАХОРИНА: АПАРТМАНИ ОД 90 ДО 130 ЕВРА ЗА НОЌ

За четиричлено семејство, Јахорина има прилично широк распон на цени. Кај приватното апартманско сместување, кое е најсоодветно за споредба со Маврово, Банско, Копаоник и Колашин, за сезоната 2026/27 може да се најдат четирикреветни апартмани од 90 до 130 евра за ноќ, зависно од терминот. На пример, GF Property Management објавува цена од 130 евра за ноќ од 3 до 24 јануари, 90 евра од 24 јануари до 7 февруари, повторно 130 евра во поголемиот дел од февруари и 90 евра во март.
Тоа значи дека седум ноќевања за семејство би чинеле приближно 630 до 910 евра, без храна. За новогодишниот период цената се качува на 160 евра за ноќ.
Има и хотелски варијанти. Во Sport Granzov Jahorina, апартман за четири лица со појадок за престој подолг од три ноќи чини околу 160 евра на ноќ од 3 до 24 јануари, а околу 155 евра од 24 јануари до 14 февруари. За една недела тоа е приближно 1.080–1.120 евра, но со вклучен појадок.
Уште еден интересен пример е Aparthotel Winter, на околу 100 метри од една од патеките и 200 метри од шестоседот Трново. За претходната сезона четирикреветен апартман се движел околу 128 евра дневно во главниот дел од зимата, а објектот нуди и можност за доплата за полупансион.
За оние што сакаат полупансион, има и агенциски понуди. Кај една од понудите за Aparthotel Winter, апартман за четири лица за пет ноќевања со полупансион во јануари 2027 чини 315 евра по лице, односно околу 1.260 евра за четиричлено семејство
КОЛАШИН СКИ РЕСОРТ: НОВАТА РЕГИОНАЛНА ЅВЕЗДА
Колашин засега е многу помалку застапен во јавно објавените понуди на македонските агенции. Сепак, самите хотели веќе ја продаваат зимата.
Ski-in/ski-out Swissôtel Resort Kolašin, директно кај ски-центарот Kolašin 1600, нуди 25% попуст за престој од 4 јануари до 1 март 2027, доколку се резервира до 1 ноември. Дополнително, до две деца помлади од 12 години престојуваат бесплатно во соба со родителите.
За периодот од 1 до 20 декември Signature Suite со две спални соби за четири лица е објавен по 230 евра за ноќ со појадок, односно 1.610 евра за една недела. За јануарските термини хотелот има 25% зимски попуст, но конечната основна цена зависи од датумот и мора да се добие преку резервацискиот систем.
За зимските термини во јануари и февруари цените може да бидат повисоки, особено за Нова година и училишните распусти, но опсег од околу 600 до 900 евра за седум ноќевања во приватен апартман за четири лица. Во самиот град има голем број приватни апартмани за четири лица, најчесто на 7–10 километри од ски-центрите Kolašin 1450 и 1600. Според тековно објавените понуди, семејство може да најде цел апартман за приближно 90–120 евра на ноќ, односно околу 630–840 евра за седум ноќевања за четиричлено семејство, додека во најбараните зимски термини цената може да биде повисока.
КОЛКУ ЌЕ ЧИНАТ СКИ-БИЛЕТИТЕ?
На средината на октомври дел од ски-центрите сè уште ги немаат објавено конечните дневни и повеќедневни тарифи за 2026/2027.
Банско е најнапред со продажбата. За новата сезона веќе се продаваат сезонски карти по промотивна цена од 870 евра за возрасен, 820 евра за ученици/студенти и 460 евра за деца од 7 до 11 години, до 1 декември. Редовните дневни и неделни цени за 2026/27 сè уште не се објавени.
За ориентир, во главниот дел од минатата сезона дневната карта во Банско чинеше 59 евра за возрасен и 30 евра за дете, а шестдневната 341 евро за возрасен и 164 евра за дете.
Кај Копаоник, официјалниот ценовник за 2026/27 сè уште не е објавен. Во главната сезона 2025/26 еднодневниот пас беше 5.900 динари за возрасен и 4.400 динари за дете, а шестдневниот 26.200, односно 17.200 динари.
Во Kolašin 1600 новиот ценовник исто така сè уште не е објавен. Последната официјална тарифа беше 25 евра дневно за возрасен и 16,50 евра за дете, додека седумдневната карта чинеше 105 евра за возрасен и 75,50 евра за дете.
Kolašin 1450 имаше пониска цена – 15 евра за возрасен и 12 евра за дете дневно, но и таму ценовникот за 2026/27 е најавен како „наскоро“.
И Маврово сè уште нема објавено официјален целосен ценовник за сезоната 2026/27. Онлајн продавницата на ски-центарот сè уште го носи означувањето 2025/26, а независните тековни референтни податоци наведуваат околу 1.500 денари за возрасен, 1.250 за младинци и 1.050 денари за деца, но овие суми не треба да се третираат како конечна тарифа за новата сезона додека операторот не ја објави.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата