Со оглед на тоа што високите температури над 40 степени претставуваат сериозен ризик по здравјето на граѓаните, лекарите апелираат на претпазливост и даваат клучни совети за препознавање и спречување на дехидратацијата, сончаницата и топлотниот удар.
Посебно се загрозени децата, постарите граѓани и хронично болните, а најважните совети се редовен внес на течности, избегнување директно изложување на сонце и престој во разладени простории.
„Високата температура предизвикува ширење на крвните садови и пад на крвниот притисок, што претставува големо оптоварување за срцето и може да доведе до губење на свеста“, изјави за Танјуг д-р Милан Димитријевиќ.
Топлотниот удар е состојба опасна по живот која настанува кога организмот ја губи способноста за ладење, а телесната температура нагло се покачува, објасни д-р Димитријевиќ.
Тој додаде дека сончаницата настанува како последица на директното дејство на сончевите зраци врз главата и најчесто е проследена со силна главоболка, гадење и вртоглавица.
„Сончаницата настанува поради директното дејство на сончевите зраци врз незаштитена глава, додека топлотниот удар настанува поради прегревање на целиот организам поради високата температура и влага, дури и без директно изложување на сонце“, рече д-р Димитријевиќ.
Тој предупреди дека директното сончево зрачење врз незаштитената глава и тилот претставува главен причинител за настанување на сончаница, кога доаѓа до ширење на крвните садови во мозокот и благ отоци на мозочните обвивки.
„Сончаницата најчесто е проследена со силна главоболка, гадење, повраќање, вртоглавица, зуење во ушите и покачена телесна температура. Настанува исклучиво на отворено, под директно дејство на сончевите зраци“, рече д-р Димитријевиќ.
За разлика од сончаницата, топлотниот удар настанува поради екстремно високи температури и влажност на воздухот кога организмот повеќе не е во состојба да се разладува со потење.
„Кај топлотниот удар доаѓа до целосно нарушување на системот за регулација на телесната температура, престанок на потењето и покачување на телесната температура над 40 степени Целзиусови“, вели Димитријевиќ.
Како што објасни, топлотниот удар се препознава по црвена, топла и сува кожа, забрзан пулс, конфузија, грчеви во мускулите и можно губење на свеста.
Може да настане на сонце, но и во прегреани затворени простории, како што се автомобили, фабрики, пекарници или станови без климатизација, и претставува итна медицинска состојба.
„Децата, постарите лица и хронично болните спаѓаат во најзагрозените групи за време на топлотниот бран“, истакна д-р Димитријевиќ.
Децата се загреваат три до пет пати побрзо од возрасните поради неразвиениот систем за регулација на телесната температура.
„Тие произведуваат помалку пот, па потешко природно се разладуваат“, рече д-р Димитријевиќ.
Тој укажа на тоа дека децата често не го препознаваат чувството на жед или го игнорираат за време на играта, поради што брзо можат да дехидрираат.
„Дете никогаш не треба да се остава во паркиран автомобил, ниту на кратко, бидејќи температурата во возилото многу брзо достигнува вредности опасни по живот“, предупреди д-р Димитријевиќ.
Постарите лица имаат ослабено чувство за жед и често дехидрираат без да бидат свесни за тоа. Кај постарите лица срцето потешко обезбедува разладување на организмот, па падот на крвниот притисок на високи температури го зголемува ризикот од мозочен и срцев удар.
„Диуретиците и лековите за регулација на крвниот притисок можат дополнително да го зголемат губењето течности и да ја нарушат циркулацијата за време на големите горештини“, рече д-р Димитријевиќ.
Според неговите зборови, и хроничните болести претставуваат еден од најголемите фактори на ризик за време на топлотните бранови бидејќи високата температура дополнително ги оптоварува срцето, белите дробови и метаболизмот.
„Кај кардиоваскуларните пациенти високите температури доведуваат до ширење на крвните садови и пад на крвниот притисок, што кај лицата кои користат терапија за хипертензија може да предизвика колапс или несвестица“, рече д-р Димитријевиќ.
Зголеменото потење доведува до згуснување на крвта и го зголемува ризикот од појава на тромб, инфаркт на миокардот и мозочен удар. Срцето за време на големите жештини работи забрзано за да го разлади организмот, што дополнително го оптоварува веќе ослабениот срцев мускул, наведе д-р Димитријевиќ.
„Кај дијабетичарите високите температури го забрзуваат губењето течности и можат да доведат до покачување на нивото на глукоза во крвта. Дијабетесот може да ги оштети потните жлезди, поради што организмот потешко се разладува и полесно доаѓа до прегревање“, нагласи д-р Димитријевиќ и додаде дека инсулинот ја губи ефикасноста доколку е изложен на висока температура и затоа треба да се чува во согласност со препораките на производителот.
Кога станува збор за респираторните болни, врелиот, сув и загаден воздух дополнително ги иритира дишните патишта и го отежнува дишењето кај лицата кои боледуваат од астма или ХОББ (хронична опструктивна белодробна болест).
„Наглиот премин од климатизиран простор на многу топол воздух може да предизвика бронхоспазам и напад на задушување“, рече д-р Димитријевиќ.
Вода треба да се пие редовно, дури и пред да се јави чувството на жед, советува лекарот и додава дека за време на врелите денови се препорачува внес од два до три литри течности, првенствено вода, лимонада и благи билни чаеви.
„Газираните пијалаци, алкохолот и кофеинот треба да се избегнуваат бидејќи поддржуваат губење течности и придонесуваат за дехидратација. Престојот на директно сонце треба да се избегнува во периодот од 10 до 17 часот“, советува д-р Димитријевиќ.
Физичките активности и работите на отворено треба да се вршат во раните утрински или доцните вечерни часови. Се препорачува носење лесна, комотна облека со светли бои од природни материјали, со задолжителна заштита на главата и очите.
„Разликата помеѓу надворешната температура и климатизираниот простор не би требало да биде поголема од седум до 10 степени. Просториите треба да се проветруваат ноќе и рано наутро, додека во текот на денот треба да се спуштат ролетните и да се навлечат завесите за да се спречи загревање на просторот“, вели д-р Димитријевиќ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата