Крајот на летото, пократките денови и промената на секојдневната рутина кај некои луѓе можат да предизвикаат пад на расположението, замор и засилено чувство на анксиозност. Оваа појава понекогаш се нарекува „есенска анксиозност“ и може да се повторува секоја година со почетокот на есенските месеци, пишува „Хелтлајн“.
Иако есенската анксиозност не претставува официјално признаена медицинска дијагноза, експертите посочуваат дека сезонските промени навистина можат да влијаат врз психичката состојба.
Британската лекарка Клер Морисон објаснува дека кај дел од луѓето во овој период се појавуваат лошо расположение, прекумерна загриженост, раздразливост, летаргија, поспаност, замор и намален интерес за вообичаените секојдневни активности.
Една од можните причини е намалената изложеност на сончева светлина. Со скратувањето на денот може да дојде до промени во биолошките процеси поврзани со спиењето и расположението. Помалата изложеност на сонце може да влијае и врз нивото на витамин Д.
Психологот Патриша Торнтон, пак, посочува дека „есенската анксиозност“ не е посебна дијагноза и дека во медицината почесто се зборува за сезонско афективно нарушување, односно големо депресивно растројство со сезонски образец.
Почетокот на есента истовремено носи голем број промени. Враќањето на училиште или на работа, поинаквиот распоред и помалку сон можат да бидат дополнителен извор на стрес. Од друга страна, кај некои луѓе токму враќањето на воспоставената рутина може да има позитивен ефект.
Причината за непријатните чувства не мора секогаш да биде самото годишно време. Торнтон го споменува и таканаречениот „ефект на годишнина“, кога одреден период од годината несвесно нè потсетува на претходни тешки искуства или емоции.
Крајот на летото може да предизвика и чувство на разочарување поради плановите што не сме успеале да ги реализираме. Кај други, пак, извор на стрес може да биде претстојниот период на празници, семејни собири, финансиски трошоци и очекувањето дека празниците задолжително треба да бидат исполнети со среќа.
Експертите препорачуваат во есенските месеци да се искористи што е можно повеќе дневната светлина. Престојот на отворено, особено во утринските часови, може да биде корисен за одржување на природниот ритам на спиење и будност.
Физичката активност исто така може да помогне. Секојдневното движење, прошетките, возењето велосипед или друг вид вежбање се поврзуваат со подобрување на расположението и намалување на стресот.
Психолозите советуваат и промена на начинот на кој го доживуваме преминот кон постудените месеци. Наместо есента да се поврзува исклучиво со губењето на сончевите денови и престојот во затворен простор, може да се создадат нови рутини и активности што ќе го направат периодот попријатен.
Доколку чувството на анксиозност, безволност или тага стане интензивно, трае подолго или почне да го нарушува секојдневното функционирање, препорачливо е да се побара стручна помош. Когнитивно-бихејвиоралната терапија се користи во третманот на анксиозноста и сезонските промени во расположението, додека за одредени состојби лекар може да процени дека е потребен и друг вид третман.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата