Денеска православните верници го одбележуваат големиот христијански празник Преображение Господово, посветен на преображението на Исус Христос на гората Тавор. Според христијанското предание, Христос тогаш се појавил во својата божествена слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован, откривајќи им ја својата божествена природа. Празникот се одбележува секоја година на 19 август, односно 6 август според стариот календар.
За да не ослабе верата на апостолите со Неговото страдање кое претстоело, и за Неговите ученици да не отпаднат од Него, Господ Исус Христос сакал да им покаже барем дел од Својата божествена слава. Преображение на Господ Исус Христос се нарекува настанот преку кој Тој, Премудроста, им посведочил за ова. Затоа ги зел со Себе Петар, Јаков и Јован и излегол со нив ноќе на гората Тавор и таму се преобразил пред нив. И заблескало лицето Негово како сонце, а облеката му побелела како снег, а покрај Него се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија.
На денот кога го празнува празникот Преображение,во православните храмови се врши осветување на вода и плодови, посебно грозје кое од денес ќе се најде на нашите трпези.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата