Светите маченици Мануил, Савел и Исмаил биле браќа од Персија, воспитани во христијанската вера и високи чиновници на персискиот цар. Како негови пратеници биле испратени кај царот Јулијан Отстапник за да преговараат за мир. Кога одбиле да им принесат жртва на паганските идоли, јавно сведочејќи дека се христијани, биле затворени и сурово мачени. И покрај страдањата, останале цврсти во својата вера. На крајот биле погубени со меч. По нивната смрт, според преданието, настанал силен земјотрес, а нивните мошти подоцна биле пронајдени и чесно погребани од христијаните. Над нивните мошти се случиле бројни чуда, кои довеле многумина да ја прифатат христијанската вера.
Според народното верување, на овој празник треба особено да се внимава на зборовите и делата. Се смета дека денот е посветен на вистината, па затоа верниците се трудат да не изговараат лаги, да не шират кавги и да не влегуваат во конфликти. Се верува дека искреноста и добрите дела носат внатрешен мир и Божји благослов.
Многу верници одат во црква, палат свеќи за здравје и мир во семејството, а денот го поминуваат во молитва и со добри мисли.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата