Речиси еден месец по сообраќајната несреќа во која беше повредена словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар, објавена е снимка од надзорните камери во тунелот Кастелец, на која се гледа моментот на судирот на претседателскиот конвој.
Несреќата се случила на 31 јули, додека Пирц Мусар се враќала од одмор во Хрватска. На снимката се гледа конвој од три возила со вклучени сини светла како се движи по левата лента во тунелот. Во средното возило, „Mercedes-Benz V300“, се наоѓала претседателката.
Пред конвојот се движеле две цивилни возила. Едното успеало брзо да се префрли надесно, додека другото, при обидот да се тргне од патот, забавило и останало делумно во левата лента.
Водечкиот „Audi“ од придружбата успеал да помине покрај цивилното возило, но притоа нагло забавил. Возачот на „Mercedes“-от не успеал да запре и со предниот дел удрил во задниот дел од „Audi“-то. По ударот, двете возила биле отфрлени кон ѕидот на тунелот.
Тоа се совпаѓа со досегашните наоди на словенечката полиција, според која 52-годишниот возач на „Mercedes“-от не одржувал доволно растојание и удрил во „Audi“-то, управувано од 34-годишен полицаец. И двајцата биле дел од обезбедувањето на претседателката, а тестовите за алкохол и дрога биле негативни.
Словенечкиот експерт за сообраќај Питер Видмар, анализирајќи ја снимката, проценил дека конвојот во критичниот момент се движел со околу 150 километри на час, а растојанието меѓу возилата било околу 30 до 35 метри. Тој нагласил дека станува збор за проценка, а не за официјално утврдена брзина.
Во несреќата Пирц Мусар се здобила со скршеница на клучната коска, која била класифицирана како лесна телесна повреда, додека една од нејзините пријателки била тешко повредена. Подоцна претседателката призна дека во моментот на судирот не била врзана со сигурносен појас.
Против 52-годишниот полициски возач се води постапка поради сомнение за кривично дело предизвикување сообраќајна несреќа од небрежност. Случајот е предаден на Специјализираното државно обвинителство на Словенија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата