На прв поглед звучи како необична шега, но зад експериментот на швајцарските научници се крие сериозно предупредување за состојбата на почвата. Истражувачите низ цела Швајцарија закопале повеќе од 2.000 памучни гаќи за да проверат колку е биолошки активна почвата.
Зошто токму гаќи? Здравата почва е полна со живи организми, од црви и инсекти до габи и бактерии кои го разградуваат органскиот материјал. Колку побрзо се разградува материјалот, толку, по правило, почвата е биолошки поактивна.
Во истражувањето, објавено во списанието „Плентс, пипл, пленет“, учествувале околу 1.000 доброволци на 1.000 локации низ целата земја. Освен гаќите, биле закопани и околу 12.000 кесички чај, кои веќе се користат во научни истражувања за мерење на брзината на разградување на органскиот материјал.
На секоја локација биле закопани по два пара памучни гаќи. Едниот пар научниците го ископале по еден месец, а другиот по околу два месеца. Она што останало од гаќите покажало колку е активен животот во почвата.
Најбрзо исчезнувале во градините
Резултатите покажале големи разлики меѓу различните видови почва. Гаќите најбрзо се разградувале во приватните градини, каде што почвата често е богата со органски материи. Релативно брзо се разградувале и на земјоделските површини.
Меѓутоа, едно откритие особено ги изненадило истражувачите. Најбавно разградување било забележано на тревниците.
Класичните, уредно одржувани тревници се покажале како биолошки помалку активни од многу други видови почва. Тоа се совпаѓа со претходните предупредувања на експертите дека големите површини тревници може да претставуваат своевидни биолошки сиромашни монокултури, а често бараат и големи количества вода.
Така, необичниот експеримент покажал нешто многу сериозно: ако некоја површина изгледа зелена и уредна, не значи дека почвата под неа е здрава.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата