logo
logo
logo

Дали излегувањата се прескапи за генерацијата Z и милениумците?

Vecer | 16.10.2026

Дали излегувањата се прескапи за генерацијата Z и милениумците?

Се чини дека излегувањето стана значителен трошок во време кога одењето на вечера купувањето облека за средба или пристапот до подобрите опции на апликациите за запознавање чини стотици евра. Кафе на првата средба и запознавање преку пријател не чини речиси ништо. Всушност, излегувањето, заљубувањето и одржувањето на врската не се скапи. Зошто тогаш воопшто постои очекување дека треба да бидат?

Цената на романтиката

На социјалните мрежи често се промовира романтична верзија која сама по себе носи бројни трошоци, чанта „луј витон“, одмор на Малдиви во бунгалов над вода, шише „дом перињон“... Тоа се ретки привилегии поради кои се чувствуваме одлично, сè додека не ја провериме банкарската сметка.

Ако пронајдете некој што ви се допаѓа, трошоците може значително да се зголемат особено поради очекувањата врзани за местата на излегување, начинот на поминување на времето и впечатокот што сакате да го оставите. Па, потрагата за партнер сè почесто се поврзува со потрошувачка и одреден стил на живот.

Машки и женски трошоци

Од мажите најчесто се очекува да обезбедат финансиска поддршка во врската, но тоа не значи дека и жените не го чувствуваат финансискиот притисок на модерното излегување, се наметнува притисокот да се има средени нокти, фризура, веѓи, шминка, нова комбинација на облека, депилација. Ако жената води сметка за безбедноста, тука се и трошоците за превоз.

Како реагираат младите генерации

Како човек да размислува за трошоците во една врска ако едвај ги покрива трошоците за храна и гориво? Одговорот е едноставен – никако.

За младите генерации, зголемените животни трошоци го менуваат начинот на кој ѝ пристапуваат на романсата.  Едно неодамнешно истражување покажало дека животните трошоци влијаеле на навиките за излегување кај 84% од припадниците од генерацијата Z  и милениумците.

17% од нив позајмувале пари или се задолжувале за да продолжат со излегувањето, додека 11% сосема се откажале од излегување бидејќи не можеле да си дозволат. Излегувањето, на некој начин, стана луксуз што не може да си го дозволи секој.

Постои ли решение?

Решението е едноставно -  да не се избираат скапи активности, да се користат бесплатни апликации и да се отиде во обичен поволен ресторан или кафуле.

Но, во пракса тоа не е така едноставно. И wellness индустријата стана уште еден луксузен аспект од секојдневието. Секако би можеле да бидете совршено здрави и со домашна кујна и членарина за вежбање од 25 евра месечно. Но кога постојано нè бомбардираат со протеински производи, елитни фитнес центри и маски за терапија со црвено светло, во име на здравјето, почнувате да мислите дека заостанувате ако не користите картичка. Истото се случува и во љубовниот живот.

За жал, вистинското решение бара повеќе од отфрлање на трендовите. Потребно е отфрлање на нереалните финансиски стандарди и свртување кон суштината на поврзаноста. Кога би се запрашале зошто имаме одредени очекувања во однос на трошоците на излегувањето, би можеле да почнеме да се ослободуваме од нив.

Не станува збор за тоа дека жените би требало да ги снижат стандардите во врските. Во расправиите за финансиските очекувања, често се занемарува фактот дека жените се во понеповолна финансиска положба. Сепак, важно е да се задржат реалните очекувања.

Социјалните мрежи создаваат слика во која платените патувања и финансирањето на одреден животен стил станаа стандарден дел од врската; таквите очекувања не мора нужно да ја одразуваат реалноста, ниту пак треба да служат како норма за сите.

Генерацијата Z често се опишува како „најосамената генерација“. Иако бројни општествени фактори придонесуваат за тоа, ставовите на генерацијата кон состанувањето секако се дел од проблемот. Без вистински промени во начинот на кој пристапуваме кон состанувањето – и без заедничко разбирање дека љубовта не треба да се третира како луксуз – тешко е да се замисли дека идните генерации ќе бидат помалку осамени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk