logo
logo
logo

АЛАРМ ОД ИНТЕРПОЛ

ДЕЦА НАМЕСТО ПЛАТЕНИ УБИЈЦИ - Новата стратегија на европското подземје

Vecer | 04.08.2026

ДЕЦА НАМЕСТО ПЛАТЕНИ УБИЈЦИ - Новата стратегија на европското подземје

Европските безбедносни служби се соочуваат со сѐ поголема закана од организираниот криминал кој регрутира малолетници. Во центарот на истрагата се наоѓа шведската криминална мрежа „Фокстрот“ (Foxtrot), за која истражителите сметаат дека од 2022 година е одговорна за околу 35 убиства, како и за низа напади и обиди за напади врз израелски мети ширум Европа, вклучувајќи и напади со експлозив и рачни бомби.

Мрежата делува по моделот познат како „насилство како услуга“. Наместо професионални убијци, „Фокстрот“ систематски регрутира малолетници и многу млади луѓе преку социјалните мрежи и апликациите. Им нуди големи суми пари за извршување на нападите, а упатствата често им ги испраќа на начин што потсетува на видеоигра. Повеќето од овие млади луѓе биваат уапсени пред или веднаш по нападот, па мрежата ретко кога воопшто мора да ги исплати ветените пари.

Еден од најпознатите примери е Атила Азимов, кој за пари уби погрешна личност и беше осуден на доживотен затвор. Сличен образец се повтори и во Велика Британија. Норвешкиот тинејџер Јоханес Натланд неодамна беше прогласен за виновен пред судот во Лондон за заговор за убиство. Тој бил регрутиран да изврши атентат во Вест Јоркшир, а бил уапсен во хотелска соба во Хадерсфилд со две парчиња огнено оружје и муниција. Според истражителите, го контактирало момче кое го запознал во дом за деца, а му биле понудени околу 21.000 фунти, пишува Би-Би-Си (BBC).

На чело на мрежата се наоѓа Рава Маџид, познат како „Курдската лисица“. Според извештаите, тој моментално се наоѓа во Иран, а дел од операциите на мрежата се поврзуваат со иранскиот режим. Истражителите сметаат дека „Фокстрот“, по заминувањето на Маџид во Техеран, делумно се користи за напади врз лица и институции кои Иран ги смета за непријатели, вклучувајќи израелски и еврејски цели низ Европа.

Поради ширењето на овој феномен, Европол формираше оперативна работна група „ГРИМ“ (GRIMM) во која учествуваат 11 земји: Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Исланд, Холандија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Обединетото Кралство. Повеќето регрутирани тинејџери се во тешка животна ситуација. Истражителите предупредуваат дека мрежата намерно избира сѐ помлади извршители бидејќи тие помалку размислуваат за последиците и се поподготвени да преземат ризик.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk