Загадувањето од сè поинтензивните шумски пожари и топлотни бранови би можело да ги поткопа и забави глобалните напори за подобрување на квалитетот на воздухот, како и можноста за заштита на човековото здравје, објави во понеделник метеоролошката агенција на Обединетите нации (СМО), предупредувајќи дека климатските промени го отежнуваат исполнувањето на меѓународните цели за квалитетот на воздухот.
Во својот годишен извештај за квалитетот на воздухот и климата, Светската метеоролошка организација (СМО) објави дека загадувањето на воздухот и климатските промени се тесно поврзани и дека со нив треба да се соочуваме преку координирани политики, а не изолирано.
Агенцијата предупреди дека исполнувањето на насоките на Светската здравствена организација за квалитетот на воздухот ќе станува сè потешко бидејќи е сè поверојатно дека и во иднина ќе има екстремни шумски пожари.
Тие стануваат сè поголем извор на штетно загадување на воздухот и покрај тоа што, благодарение на бројните нови прописи, се намалија емисиите од индустријата и сообраќајот во многу развиени земји, стои во извештајот на СМО.
„Без оглед на тоа колку се чисти вашиот град или регион... доколку сте подложни на чести загадувања поради шумски пожари, тоа може негативно да влијае врз квалитетот на воздухот во тие региони“, изјави за „Ројтерс“ Лоренцо Лабрадор, научник од СМО.
Во извештајот посебно се истакнува сè поголемото влијание на фините честички, познати како PM2.5, и приземниот озон — штетен гас во долните слоеви на атмосферата — врз порастот на респираторните и кардиоваскуларните заболувања.
Студијата на која се повикува извештајот откри дека екстремните пожари и опасниот чад глобално се утротроиле од деведесеттите години на минатиот век и веројатно придонеле кон последиците — односно за речиси 100.000 дополнителни смртни случаи годишно во периодот меѓу 2010 и 2018 година.
СМО повикува и на подобро следење на загадувачките супстанции и аеросоли, меѓу кои се црниот јаглерод и микропластиката. Таа предупредува дека нивното следење и понатаму е на многу лошо ниво, и покрај тоа што се широко распространети и присутни во атмосферата.
Оваа година ја одбележаа екстремни горештини и разурнувачки шумски пожари во бројни делови на Европа — меѓу кои во Шпанија, Франција, Грција... СМО истакнува дека екстремните горештини стануваат сè почести, поинтензивни и подолготрајни како што се загрева планетата.
Во новиот извештај се вели дека концентрациите на PM2.5 во 2025 година биле над долгорочните просеци во северна Канада, делови од Русија и западно-централна Африка поради засилената активност на пожарите, додека северозападна Шпанија била нивно жариште по големите пожари на крајот од летото.
Честичките што настануваат по шумските пожари се посебно штетни бидејќи содржат мноштво отровни хемикалии, изјави Лабрадор, додавајќи дека нивното вдишување може да предизвика воспаление во целиот организам, што може да резултира со развој на белодробни заболувања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата