ПРИЗНА 13 УБИСТВА, НО ФОРЕНЗИКАТА ДОКАЖА САМО ЕДНО: Мрачната тајна на Бостонскиот давител

Vecer | 25.11.2026

ПРИЗНА 13 УБИСТВА, НО ФОРЕНЗИКАТА ДОКАЖА САМО ЕДНО: Мрачната тајна на Бостонскиот давител
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Меѓу 1962 и 1964 година Бостон живееше во сенка на страв. Серијата убиства што го потресоа градот и околните места влезе во историјата со случајот Бостонскиот давител – еден од најозлогласените криминални случаи во американската историја.

Иако Алберт ДеСалво ја призна одговорноста за 13 убиства, прашањето за неговата вистинска улога и понатаму се дебатира. Приказната за давителот не е само хроника на злосторства, туку и сведоштво за атмосферата на паника, несигурност и параноја што го обележа овој американски град во шеесеттите години.

Кој беше Алберт ДеСалво?

Алберт Хенри ДеСалво е роден во 1931 година во Челси, Масачусетс. Неговото детство беше обележано со сиромаштија и насилен татко, што остави длабоки траги врз неговата психа. Уште како момче влезе во судир со законот, а на 12-годишна возраст заврши во поправен дом.

Подоцна служел во американската армија (1948–1956) и се оженил со германската имигрантка Ирмгард Бек, со која имал две деца. Но, зад неговиот семеен живот се криеше криминално минато: кражби и сексуални напади во кои се претставувал како „Човекот што мери“ и „Зелениот човек“.

Серија убиства

Во јуни 1962 година во Бостон започна серија брутални злосторства. Жртвите – жени на возраст од 19 до 85 години – беа убивани во своите домови, најчесто со давење со чорап, ремен или јаже. Карактеристичен белег на сторителот беше препознатливиот јазол на предметот со кој давел.

Првите жртви беа постари жени: Ана Слесерс (55), Мери Мулен (85), Нина Николс (68) и Хелен Блејк (65). Полицијата набрзо сфати дека се соочува со еден од најопасните сериски убиства во американската историја.

Подоцна цел беа помлади жени, меѓу кои и 19-годишната Мери Саливан, чие убиство во 1964 година особено ја шокираше јавноста. Токму нејзиниот случај децении подоцна ќе одигра клучна улога во расветлувањето на вистината.

Град во страв

Бостон во раните шеесетти години беше град на традиција и цврста заедница. Но, убиствата променија сè. Улиците се празнеа по самрак, а жените набавуваа кучиња чувари, оружје и дополнителни брави и катанци. Стравот беше толку силен што ги промени секојдневните навики на луѓето – од одење на фризер до вечерни прошетки.

Медиумите постојано известуваа за „Бостонскиот давител“, а паранојата растеше. Никој не знаеше каде ќе се случи  следниот напад.

Истрага и признание

Истрагата беше најголемата во историјата на Масачусетс. Полицијата сослуша илјадници осомничени, а во еден период се сомневаше дека убиствата можеби не се дело на еден човек.

Пресвртницата се случи во 1964 година, кога Алберт ДеСалво беше уапсен за сексуален напад поврзан со случајот „Зелениот човек“. Во притвор им се довери на созатвореникот Џорџ Насар и на адвокатот Ф. Ли Бејли дека тој е Бостонскиот давител.

Тој призна 13 убиства и изнесе бројни детали за местата на злосторствата. Сепак, никогаш не беше официјално обвинет за убиствата, бидејќи немаше цврсти форензички докази што би го поврзале со сите жртви.

Судење, смрт и сомнежи

ДеСалво беше осуден на доживотен затвор во 1967 година, но за силување и тешка кражба (провала), а не за убиство. Тој беше убиен во затворот на 25 ноември 1973 година под неразјаснети околности.

Неговото признание остана контроверзно: додека некои веруваа дека тој навистина е давителот, други сметаа дека го измислил за да стане познат или да обезбеди пари за своето семејство.

Форензиката го носи одговорот

Дури во 2013 година модерната форензика донесе клучен доказ. ДНК-анализата недвосмислено го поврза Алберт ДеСалво со убиството на Мери Саливан, последната и најмлада официјална жртва. Сепак, за другите 12 убиства никогаш не беа пронајдени докази, па прашањето за можни други сторители останува отворено.

Случајот со Бостонскиот давител остави длабок белег врз популарната култура и криминологијата. Книгите, филмовите и документарците со години го одржуваа интересот за овие злосторства, а филмот „Бостонскиот давител“ (1968) со Тони Кертис и Хенри Фонда дополнително го зацврсти митот.

Истовремено, случајот покажа колку криминологијата од раните шеесетти години била неподготвена за вакви злосторства. Токму тие недостатоци подоцна го поттикнаа развојот на современите форензички методи и криминалното профилирање.

Приказната за Бостонскиот давител сè уште буди немир. Алберт ДеСалво е поврзан преку ДНК со барем една жртва, но мистеријата околу останатите убиства никогаш не е целосно разрешена. За Бостон, сепак, сеќавањето е јасно: две години во кои градот живееше во постојан страв останаа трајно врежани во колективната меморија – како потсетник за ранливоста на општеството и темните страни на човечката психа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk