(Фото) КАТАСТРАФАЛНАТА ПОПЛАВА ВО СКОПЈЕ се случи на денешен ден пред 64 години

Vecer | 16.11.2026

(Фото) КАТАСТРАФАЛНАТА ПОПЛАВА ВО СКОПЈЕ се случи на денешен ден пред 64 години
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

На 16 ноември 1962 година, обилните дождови предизвикаа големи поплави во Скопје и во повеќе делови од Македонија. Вардар, Треска и Лепенец се излеаја од своите корита, а водата навлезе во улиците, домовите, училиштата и деловните објекти. Илјадници луѓе останаа без домови, а штетата била огромна.

Во Скопје состојбата била особено тешка. Според податоците објавени во тогашниот весник „Нова Македонија“, поплавата урнала 1.050 куќи, 157 згради биле под вода, а 4.445 жители останале без покрив над главата. Во најзагрозените села биле евакуирани околу 800 лица.

Водата ги поплавила централните делови на градот, меѓу нив плоштадот, улицата „Илинденска“, Градскиот парк и просторот околу стадионот. Дел од патиштата и железничките линии биле оштетени, а неколку мостови биле урнати или станале небезбедни за сообраќај. Привремено биле прекинати и снабдувањето со електрична енергија и водата за пиење.

Но, поплавата не го зафати само Скопје. Големи штети имало во Охрид, Струга, Кичево, Ресен, Битола, Велес, Тетово, Гевгелија и во бројни села. Во Охридско повеќе од илјада жители останале без домови и биле сместени во привремени прифатилишта. Во Пелагонија биле поплавени огромни површини земјоделско земјиште, а во Гевгелиско и Валандовско водата уништила мостови и прекинала патни врски.

Последиците биле големи и за културата. Поплавата го уништила речиси целиот филмски фонд на „Вардар филм“, што претставувало ненадоместлива загуба за македонската кинематографија. Штети претрпел и Скопскиот народен театар, но неговата архива успеала да биде спасена.

Во справувањето со последиците се вклучиле војската, пожарникарите, младинските организации и граѓаните. Се организирале доброволни бригади за расчистување на улиците и домовите, а на семејствата кои останале без покрив им се обезбедувале храна, пари и привремено сместување.

Според историските записи, во селото Мршевци животот го загубиле две лица. Поплавите од ноември 1962 година останале запаметени како една од најголемите природни непогоди во Македонија во тој период.

Само осум месеци подоцна, на 26 јули 1963 година, Скопје го погоди катастрофален земјотрес.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk