logo
logo
logo

БУЈНИТЕ ГРАДИ ПРИЧИНА ЗА МИГРЕНА - Студија открива неверојатна вистина

Vecer | 24.09.2026

БУЈНИТЕ ГРАДИ ПРИЧИНА ЗА МИГРЕНА - Студија открива неверојатна вистина

Жените со макромастија, односно со изразито зголемено ткиво на дојките, почесто имаат хронични мигрени, болки во вратот, проблеми со нервите во ‘рбетот и опструктивна апнеја во сон. Ова го покажало новото истражување објавено во списанието „Headache“.

Истражувачите ги анализирале здравствените податоци на 687 жени кои помеѓу 2017 и 2024 година се лекувале во центри за неврологија и центри за главоболка поврзани со Медицинскиот центар Стенфорд во Калифорнија. Меѓу нив имало 347 жени со дијагностицирана макромастија и 340 жени без оваа состојба. При споредувањето на резултатите, тие ги земале предвид возраста, индексот на телесна маса и други фактори што би можеле да влијаат на здравствената состојба.

Анализата покажала дека жените со макромастија имаат 40 отсто поголема зачестеност на хронични мигрени и двојно поголема зачестеност на болки во вратот во споредба со жените без оваа состојба.

Кај нив се исто така забележани 54 проценти поголема зачестеност на опструктивна апнеја во сонот, нарушување при кое во текот на спиењето се случува повторен прекин или отежнато дишење. Покрај тоа, повеќе од двојно почесто имале цервикална радикулопатија, односно состојба во која доаѓа до притисок или иритација на нервните корени во вратниот дел од ‘рбетот.

„Овие наоди покренуваат важни прашања за тоа како зголеменото ткиво на дојките може да придонесе за болни симптоми кај жените“, рекла д-р Кристин Покок, главна авторка на студијата и доцентка по неврологија на Медицинскиот факултет на Универзитетот Вејк Форест.

Целта на истражувањето била подетално да се проучи поврзаноста на макромастијата со невролошките тегоби и проблемите со спиењето. Жените со екстремно големи гради често наведуваат симптоми како што се главоболка, болки во вратот и грбот и непријатност во рамената.

Едно од можните објаснувања е дека поголемата маса на ткивото на дојката дополнително ги оптоварува мускулите, коските и нервниот систем. Истражувачите ја наведуваат и можноста дека големите гради можат да влијаат на дишењето во текот на спиењето поради притисокот на градниот кош.

За жените кои имаат изразито големи гради и истовремено страдаат од хронични главоболки, болки во вратот или проблеми со дишењето во текот на спиењето, резултатите од истражувањето укажуваат на тоа дека овие тегоби се поврзани, а не целосно одвоени проблеми.

Кристин Покок истакнала дека макромастијата често се гледа првенствено низ естетска перспектива. Според нејзините зборови, резултатите од истражувањето би можеле да укажуваат на поширок спектар на здравствени последици поврзани со таа состојба.

Сепак, важно е да се нагласи дека истражувањето не докажува дека макромастијата директно предизвикува хронични мигрени, болки во вратот, притисок на нервите или апнеја во сонот. Авторите наведуваат дека се потребни дополнителни истражувања кои треба да покажат како зголеменото ткиво на дојките влијае на овие тегоби.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk