Први септември не е ден што им е посветен само на учениците: овој ден е специфичен и по тоа што го прославува постоењето на мачките со посебна ‒ портокалова ‒ боја на крзното. Секој 1 септември во светот се одбележува како Ден на почитување на портокаловите мачки, кои отсекогаш биле посебни поради изгледот, а особено поради карактерот. Многу сопственици на портокалови мачки, познати и под името „ѓумбир мачки“, на посебен начин го одбележуваат денот на своите миленици: тие ги украсуваат домот и просторот за мачката со портокалови ленти, подготвуваат десерти со портокалов прелив, играат забавни игри со играчки во боја на портокал... Сопствениците на мачки и љубителите на социјалните мрежи веќе споделуваат фотографии и снимки од своите портокалови миленици, а убавината на нивното крзно и топлината што извира од нивните очи со боја на злато, како и нивната разиграна природа, ги прават уште помили, посакани и вредни за почит.
Ако сте сопственик на портокалова мачка, веруваме дека веќе сте осмислиле забава за неа, за вашите пријатели и за нивните мачки. За забава не е потребно многу: портокалови ленти, закуски за мачки, глувци од портокалови крпчиња и топчиња во боја на портокал. Креативните сопственици на мачки, кои имаат доста слободно време, можат да направат разни предмети од картон, дрво и различни ткаенини. Ако добро ракувате со глина, можете да направите и подароци во форма на скулптури од мачки и да ги обоите во портокалово.
Крис Рој, американски софтверски програмер, е заслужен за основањето на Денот на почитување на портокаловите мачки. Рој го воспостави овој празник во чест на својата портокалова мачка Дубер, со цел да ги подигне свеста и почитта кон мачките со единствена боја на влакното. Неговата иницијатива помогна да се истакнат посебните особини на портокаловите мачки и да се поттикне нивното вдомување.
Во 1997 година, Рој пронашол мачка скитник во близина на својата куќа и одлучил да ја вдоми. Не ни насетувал како тој мачор ќе ја промени целта на неговиот живот. За неколку недели, Рој создаде посебна врска со тигрестиот мачор тежок 6 кг, кој живееше 17 години. Во 2014 година, Дубер угина, а Рој, длабоко тагувајќи, го прогласи 1 септември за Ден на благодарност кон портокаловите мачки. Крис Рој ја стартуваше и „Дуберт“ (Dubert), онлајн-апликација која ги поврзува центрите за спасување животни и прифатилиштата за животни со волонтери широм светот. Од 2014 година, „Дуберт“ соработуваше со повеќе од 1.200 организации низ Северна Америка и изгради волонтерска база од преку 27.000 љубители на животни и сопственици на домашни миленици.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата