Четиригодишно момче се удави во базен на еден бич бар на познатиот грчки остров Парос.
Инцидентот се случил додека родителите на детето се капеле во морето. По трагедијата, полицијата ги уапсила и родителите и сопственикот на објектот, кој воедно бил и официјално регистриран спасувач на базенот.
Според наводите на полицијата, две млади девојки забележале дека момчето лежи неподвижно во базенот и веднаш кренале тревога. Еден од вработените во барот скокнал во водата и го извлекол детето, по што лекарите од Итната помош набрзо пристигнале на местото на настанот.
И покрај надчовечките напори и обидите за реанимација, за момчето, за жал, немало спас. Повод оваа несреќа е покрената официјална истрага.
Истрагата е во тек, островот е во шок
Полицијата моментално ги испрашува сопственикот на барот и родителите на настраданото момче во рамки на прелиминарната истрага.
Плажниот бар издаде официјално соопштение во кое изрази „најдлабоко и најискрено сочувство“ до семејството, наведувајќи дека објектот нема да работи во текот на денот во знак на сеќавање на трагично настраданото момче.
Оваа трагедија го потресе островот во самиот шпиц на туристичката сезона, во ден кога се очекува околу 34.000 туристи да тргнат од Атина со траекти кон популарните грчки острови.
Црна серија давења на деца на летувањата
Оваа несреќа доаѓа откако Шпанија претходно летово ја погоди бран слични трагедии. Во рок од само 72 часа во јуни, шест деца го изгубија животот во вода, што покрена итни предупредувања од стручњаците наменети за туристите со деца.
Себастијан Кинтана, стручњак за превенција од давење, остро го осуди „трагичниот недостаток на надзор“ и апелираше до родителите да не го тргаат погледот од децата додека се на плажите и базените. Во речиси сите забележани случаи, родителите не биле присутни во моментот кога децата се давеле.
„Недостатокот на внимание, надзор или потполното отсуство на возрасни во зоната за капење се главните причини за овие човечки трагедии. Детето нема да вика ниту да повикува помош. Давењето е исклучително брз и тивок настан“, предупреди Кинтана.
Потресна исповед на мајката: „Ова е најголемиот кошмар“
Меѓу жртвите од црната серија во Шпанија беше и тригодишната Елери Елесмир, која се удави за време на семејниот одмор на Мајорка.
Членовите на семејството очајнички се обидувале да ја спасат во вилата пред итно да биде пренесена во болница, но следниот ден, за жал, била прогласена за мртва.
Ожалостената мајка Керис се прости од својата ќерка со потресни зборови:
‒ Она што требаше да биде идиличен семеен одмор се претвори во најголемиот кошмар за секој родител: кошмар од кој не можеме да се разбудиме. Нашата скапоцена мала Елери доживеа несреќа за време на летувањето. И покрај неверојатниот труд што го вложивме и ние и здравствената служба во Палма, останавме со неа додека апаратите ја одржуваа во живот. Сопругот Џо и јас бевме до неа секоја секунда, а нашето девојче покажа непоимлива сила во борбата да остане со нас. За жал, тоа не беше доволно ‒ рече неутешната мајка.
Помалку од еден месец по таа серија несреќи, шестгодишно момче од Белгија се удави за време на летувањето со семејството во Барселона. Сведоците наведоа дека на базенот, кој на одделни места бил длабок и до пет метри, во тој момент немало спасувач.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата