logo
logo
logo

Рим воведе влез за Фонтана ди Треви: Паричката сега има цена

Vecer | 04.02.2026

Рим воведе влез за Фонтана ди Треви: Паричката сега има цена

Според легендата, фрлањето на една паричка во римската Фонтана ди Треви гарантира враќање во Вечниот град, две парички носат љубов со Италијанец, а три – брак. Но, од овој понеделник исполнувањето на тие желби има и своја цена. Посетителите кои сакаат да пристапат до фонтаната и да фрлат паричка од сега мора да платат билет од две евра. Станува збор за нова мерка на градските власти за спречување на прекумерен туризам на една од најпосетуваните знаменитости во Рим, пишува CNN.

Новата наплата за сите кои не се жители на Рим се применува од понеделник до петок од 11 до 22 часот, а останатите денови од 9 до 22 часот. По 22 часот оградите се отстрануваат и пристапот е слободен.

Првите реакции на туристите – и восхит и незадоволство

Веќе првиот ден од примената на новите правила се покажа дека не сите туристи се подготвени да платат. Група шпански туристи, не сакајќи да издвојат две евра, стоеја зад оградата и фрлаа парички кон фонтаната. Некои од нив ја промашија водата, а посетителите кои платиле билет мораа да се наведнуваат за да избегнат паричките што паѓаа од височина. Градски службеник изјави дека наскоро ќе бидат воведени патроли за спречување на можни повреди.

Дел од туристите сепак ја поддржуваат оваа одлука. Турист од Аргентина за CNN рече дека би платил два евра за да ја види фонтаната одблизу, иако овојпат ја прескокнал бидејќи веќе ја посетил. „Две евра е во ред да се плати за да се види нешто вакво одблизу. Повеќе од тоа веројатно не би платил“, рече тој, фрлајќи паричка од другата страна на оградата.

Туристите на социјалните мрежи коментираат дека им се допаѓа што околу фонтаната повеќе нема големи гужви и дека фотографирањето сега е значително попријатно. „Првпат не чекав во ред пола час за да пристапам до фонтаната“, наведе еден посетител на TikTok.

Од друга страна, многумина предупредуваат дека Фонтана ди Треви е јавен простор и дека не треба да се наплаќа посетата. „Ова е срцето на Рим. Не можеш да наплатиш емоции“, изјави една Француска за El País.

Борба против масовен туризам

Фонтана ди Треви, овековечена во филмот La Dolce Vita, стана симбол на проблемот со масовниот туризам во Рим, особено во летниот период. Малиот плоштад околу фонтаната често е пренатрупан со посетители, многумина со сладолед во раце или полнејќи шишиња со вода од фонтаната.

Градот уште во 2024 тестираше поставување огради кои го ограничуваа пристапот до самиот раб на фонтаната. Иако тоа го намали бројот на луѓе кои чекаа во ред, побарувачката остана голема. Според зборовите на римскиот градоначалник Роберто Гвалтиери, само во 2025 повеќе од 10 милиони луѓе стоеле во ред за да фрлат паричка, а во најпрометните денови имало и до 70.000 дневно.

Се очекува новиот билет да генерира приходи од 6,5 до 20 милиони евра годишно. Покрај тоа, на посетителите со билет им е забрането јадење и пиење близу фонтаната, а градските власти тврдат дека на овој начин туристите ќе бидат заштитени од џебари.

Алесандро Онорати, римски советник за туризам и големи настани, изјави дека надоместокот е пред сè дизајниран за регулирање на туризмот, додека приходот ќе се користи за трошоци за одржување и дополнителен персонал. „Да Фонтана ди Треви беше во Њујорк, би наплаќале 100 долари“, рече Онорати при претставувањето на новиот систем.

Нови правила, стара магија Билетот за Фонтана ди Треви е само една од низата мерки што Италија ги воведува за регулирање на масовниот туризам. Слични чекори направија и Венеција, која воведе надомест за еднодневни посети, како и градови како Верона и региони како Доломити, каде беа воведени нови ограничувања на популарни локации.

Интересно е што собраните парички – кои годишно изнесуваат околу 1,5 милион евра – сè уште се донираат за хуманитарни цели, конкретно за организацијата Caritas, која ги користи средствата за помош на сиромашните.

Билетите може да се купат преку интернет или скенирање QR кодови поставени на лице место. Деца помлади од пет години, лица со инвалидитет и жители на Рим се ослободени од плаќање.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk