logo
logo
logo

АЛАРМАНТНО - Сè повеќе AI фотографии со сексуална злоупотреба на деца се шират на интернет

Vecer | 05.10.2026

АЛАРМАНТНО - Сè повеќе AI фотографии со сексуална злоупотреба на деца се шират на интернет

Зголемен е бројот на објавени фотографии со сексуална злоупотреба на деца генерирани со вештачка интелигенција (ВИ) кои се шират на интернет. Количината на нелегални материјали истражени оваа година веќе ја надминал вкупната бројка во 2025 година, објави „Гардијан“.

Аналитичарите од организацијата „Интернет воч фондејшн“ (ИВФ) откриле повеќе фотореалистични материјали со сексуална злоупотреба на деца во првата половина на 2026 година отколку во текот на целата претходна година. ИВФ, организација со седиште во Велика Британија, која го следи ширењето на материјали за злоупотреба на глобално ниво, соопшти дека проценила 6.310 слики генерирани со ВИ кои одговараат на правната дефиниција за сексуална злоупотреба на деца – што претставува зголемување од 40% во однос на минатогодишната бројка од над 4.500.

Бројот на случаи со материјали за сексуална злоупотреба на деца создадени со ВИ расте веќе неколку години, при што е забележан огромен пораст особено кај видеоматеријалите, иако најновите податоци на ИВФ се однесуваат само на статични слики. Поголемиот дел од сликите што ги прегледале аналитичарите прикажувале девојчиња и деца на возраст од седум до 13 години.

Од ИВФ изјавија дека овие податоци ја истакнуваат потребата од нова законска регулатива за вештачката интелигенција.

Владата на Енди Бурнам не најави дека наскоро ќе биде донесен нов закон посветен на оваа технологија. Министерот за вештачка интелигенција Канишка Нарајан изјави дека „ниту една опција не е исклучена“ во однос на новите регулативи, но дека критериумот за секој законодавен предлог ќе биде: „Дали тоа ќе ги направи британските граѓани побезбедни?“

Хана Свирски, раководителка за политики во IWF, изјави дека ги поддржува повиците на пратениците за „обврзувачки закон за вештачка интелигенција“ кој би ги принудил компаниите да развиваат побезбедни модели.

„Обврска на технолошките компании е да создаваат алатки што не можат да се злоупотребат на овој начин“, рече таа. „Овој проблем е создаден од технологијата, а компаниите мора да развиваат алатки што се безбедни уште во фазата на дизајнирање.“

Материјалите со сексуална злоупотреба на деца генерирани со ВИ се нелегални во Обединетото Кралство, а владата исто така го забрани прилагодувањето на моделите со ВИ за создавање материјали за злоупотреба, како и дистрибуцијата на такви модели до други лица. Развојот на модел дизајниран за создавање хиперреалистични материјали со сексуална злоупотреба на деца повлекува кривична казна до пет години затвор.

Портпарол на владата изјави: „Законот во Обединетото Кралство е јасен: материјалите со сексуална злоупотреба на деца се нелегални, без оглед на тоа дали се генерирани со вештачка интелигенција или не.“ Одиме понатаму со забрана на моделите на вештачка интелигенција кои се користат за креирање на ваков вид материјал за злоупотреба и произведуваат одвратни, хиперреалистични слики кои често содржат сличност со вистински деца.“

Вештачката интелигенција, исто така, им овозможи на онлајн предаторите да креираат експлицитни слики од деца. Услугата Report Remove, која ги блокира интимните слики да се појавуваат онлајн, доби 420 пријави од деца во врска со слики од себе за кои тие верувале дека биле лажни или манипулирани за да изгледаат експлицитно. Бројот веќе го надмина вкупниот број од 397 за 2025 година.

Употребата на алатки на вештачка интелигенција за креирање алатки за злоупотреба доведе до тоа Националната агенција за криминал и IWF да ги охрабрат родителите и старателите да ги држат сликите од своите деца подалеку од социјалните медиуми. Упатството предлага да се направат сметките на социјалните медиуми приватни или да се споделуваат слики од деца само преку група „блиски пријатели“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk