Присли Гербер, синот на супермоделката Синди Крафорд и бизнисменот Ренди Гербер, почина на 27 години, а неговата смрт повторно ја врати во фокус приказната за таканаречениот „Клуб 27“ – неформалното име за групата млади музички ѕвезди кои починале токму на оваа возраст. Секако, Гербер не беше музичар, туку модел, но неговото име во оваа приказна се споменува токму поради возраста.
Присли почина на 20 септември во установа за рехабилитација во Санта Моника, а причината за смртта засега не е утврдена. Медицинскиот испитувач соопшти дека се потребни дополнителни испитувања, додека полицијата ја истражува смртта како можно предозирање.
Гербер последниве години јавно зборуваше за своите проблеми со менталното здравје и зависноста од супстанции. Во последните месеци споделуваше делови од својата борба со зависноста и третманите на кои се подложувал.
Неговата смрт на само 27 години повторно го насочи вниманието кон „Клубот 27“, една од најпознатите и најморбидните приказни, создадена токму поради смртта на повеќе млади музички ѕвезди на истата возраст.

Роберт Џонсон – првиот голем мит
Меѓу најраните и најпознати имиња што денес се поврзуваат со „Клубот 27“ е Роберт Џонсон, американскиот блуз-музичар кој починал во 1938 година, на 27 години.
Џонсон во текот на животот немал статус на глобална суперѕвезда каков што подоцна ќе добијат другите имиња од клубот, но по смртта неговото влијание врз музиката станувало сè поголемо. Околу неговиот живот и смрт се создадени и бројни легенди, меѓу кои и познатата приказна дека склучил пакт со ѓаволот за да стане врвен гитарист.
Токму неговото име подоцна ќе биде ставено на почетокот на историјата на „Клубот 27“.
Брајан Џонс – првиот од легендарната низа на рокери
На 3 јули 1969 година почина Брајан Џонс, еден од основачите на „Ролинг стоунс“.
Џонс бил пронајден во базенот на својот дом во Сасекс, само неколку недели откако го напуштил бендот.
Неговата смрт беше првата од низата која во рок од нешто помалку од две години ќе ги опфати и Џими Хендрикс, Џенис Џоплин и Џим Морисон – четворица огромни имиња на рок-сцената, сите на возраст од 27 години.
Оваа необична низа подоцна ќе стане основа за митот.
Џими Хендрикс – гитаристот кој го промени рокот
На 18 септември 1970 година почина Џими Хендрикс, еден од највлијателните гитаристи во историјата на рок-музиката.
Имаше само 27 години.
Хендрикс почина во Лондон, а неговата смрт беше поврзана со интоксикација со барбитурати и аспирација на повраќаница. Иако неговата професионална кариера траеше само неколку години, неговото влијание врз рокот, блузот и начинот на кој се користи електричната гитара е огромно.
Џенис Џоплин – само неколку недели подоцна
Само нешто повеќе од две недели по смртта на Хендрикс, на 4 октомври 1970 година, почина Џенис Џоплин.
И таа имаше 27 години.
Џоплин беше една од најпрепознатливите пејачки на рок и блуз сцената и важеше за еден од најмоќните вокали на својата генерација. Почина од предозирање со хероин во хотел во Лос Анџелес.
Смртта на Хендрикс и Џоплин во толку краток период дополнително го засили впечатокот дека околу возраста 27 години постои некаква необична поврзаност.
Џим Морисон – последниот од легендарната четворка
На 3 јули 1971 година почина Џим Морисон, фронтменот на „Доорс“.
Имаше 27 години.
Морисон беше пронајден мртов во када во својот стан во Париз. Како официјална причина беше наведена срцева слабост, а обдукција не била направена.
Интересно е што Морисон почина точно две години по Брајан Џонс – уште една коинциденција која подоцна доби место во митологијата на „Клубот 27“.
По смртта на Морисон, веќе постоеше впечатлива низа од четворица големи рок-музичари кои починале на иста возраст: Џонс, Хендрикс, Џоплин и Морисон.
Курт Кобејн повторно го оживеа митот
Дваесет и три години подоцна, во 1994 година, почина Курт Кобејн, фронтменот на „Нирвана“.
И тој имаше 27 години.
Кобејн беше пронајден мртов во својот дом во Сиетл, а неговата смрт беше прогласена за самоубиство.
По неговата смрт, неговата мајка Венди О’Конор даде изјава во која рече дека нејзиниот син се приклучил на „тој глупав клуб“. Изјавата подоцна беше поврзана со веќе постоечката приказна за Хендрикс, Џоплин и Морисон и помогна терминот „Клуб 27“ да влезе длабоко во популарната култура.
Според историчарите и авторите кои го истражувале феноменот, токму по смртта на Кобејн концептот добил пошироко значење.
Ејми Вајнхаус – последното големо име
Кога на 23 јули 2011 година почина Ејми Вајнхаус, приказната доби ново, особено силно поглавје.
Британската пејачка имаше 27 години.
Нејзината смрт повторно го сврте вниманието кон Хендрикс, Џоплин, Морисон и Кобејн, а медиумите ширум светот ја нарекуваа нов член на „Клубот 27“.
Обдукцијата покажа дека Вајнхаус починала од алкохолно труење. Во нејзиниот случај било утврдено дека по период на апстиненција повторно консумирала голема количина алкохол.
Нејзината смрт во 2011 година го направи „Клубот 27“ дел од популарната култура и кај генерациите кои можеби не ги слушале Џонс, Хендрикс или Џоплин.
Дали навистина постои „проколната“ возраст?
Иако приказната е привлечна и морничава, нема научен доказ дека токму 27 години се особено опасна возраст за музичарите.
Студија објавена во „Би-Ем-Џеј“ во 2011 година анализирала 1.046 музичари кои имале албум на прво место на британската листа меѓу 1956 и 2007 година. Истражувачите не пронашле зголемен ризик од смрт на 27 години во споредба со блиските возрасти.
Заклучокот бил дека познатите музичари воопшто имаат повисок ризик од смрт во дваесеттите и триесеттите години, но дека бројката 27 сама по себе не претставува посебен ризик.
Поново истражување од 2024 година се занимавало токму со тоа како се создал митот и како медиумското внимание кон неколку исклучително познати смртни случаи на 27 години дополнително го засилило впечатокот дека станува збор за нешто необично.
Всушност, бројот на луѓе кои починале на 27 години е многу поголем од познатите имиња што ги знаеме како „Клуб 27“. Но, кога станува збор за Хендрикс, Џоплин, Морисон, Кобејн и Вајнхаус, не станува збор само за возраста. Станува збор за музичари кои оставиле огромна трага зад себе и чии животи завршиле во период кога нивните кариери биле далеку од завршени.
Затоа и денес, кога некоја позната личност ќе почине на 27 години, јавноста веднаш се присетува на „Клубот 27“.
За разлика од музичките легенди со кои најчесто се поврзува клубот, Присли Гербер не остави кариера што би го ставила во истата историска категорија. Тој беше модел кој стана познат и поради своето семејство, особено поради мајка му Синди Крафорд, иако имаше и своја манекенска кариера, со настапи и кампањи за големи модни брендови.
Сепак, неговата смрт на само 27 години повторно потсети на една од најпознатите необични коинциденции во историјата на поп-културата – и на прашањето како од неколку трагични случаи се роди митот што трае со децении.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата