logo
logo
logo

РИМ ПАДНА ОТИ ПРЕСТАНАА ДА ПРАВАТ РИМЈАНИ - Почнува ли колапсот на човештвото?

Vecer | 27.08.2026

РИМ ПАДНА ОТИ ПРЕСТАНАА ДА ПРАВАТ РИМЈАНИ - Почнува ли колапсот на човештвото?

Глобалната стапка на наталитет во светот можеби за првпат во целата историја на човештвото падна под нивото што е неопходно за проста репродукција на населението. Ова значи дека бројот на жители на планетата би можел да започне драматично и постојано да опада во рок од само една генерација, предупредува најновата сеопфатна студија под наслов „Непозната територија: Економија на свет кој се смалува“, изработена од професори и истражувачи од Универзитетот во Пенсилванија и Универзитетот Нортвестерн.

Според стручните проценки, за да може секоја генерација бројчано да ја замени претходната, глобалниот праг треба да изнесува околу 2,2 деца по жена. Меѓутоа, податоците покажуваат дека моменталната глобална стапка паднала на 2,19. Авторите на студијата посочуваат дека од 2026 година човештвото и официјално се наоѓа под границата за одржување на популацијата – состојба која никогаш порано не е забележана во историјата на нашиот вид, дури ни за време на најголемите светски војни, сиромаштија или глобални пандемии.

Анализата што опфаќа 236 земји и територии во периодот од 1950 до 2023 година открива дека наталитетот опаднал во дури 219 од нив, без никакви знаци дека овој негативен тренд може наскоро да се стабилизира. Бројот на жители сè уште не се намалува видливо само затоа што помладите генерации родени во претходните децении сè уште имаат деца. Сепак, научниците проценуваат дека овој ефект ќе трае уште само три децении, по што светското население ќе го достигне својот врв од околу 9 милијарди луѓе во 2056 година, а потоа ќе следи неизбежен и брз пад.

Трендот не ги погодува само најбогатите земји, туку опфаќа цел свет. Стапките на наталитет драматично паднаа и во земји како Тајланд (0,87), Колумбија (1,01), Иран (1,35) и Бразил (1,52). Главните причини за ова се сложени: економската несигурност, енормните трошоци за становање и одгледување деца, широката достапност на контрацепција и длабоките промени во општествените норми.

Последиците од ваквиот демографски колапс ќе бидат катастрофални за глобалната економија. Помалку деца значат значително помала работна сила во иднина, која ќе треба да издржува сè поголем број пензионери и стари лица. Ова директно ќе ги преоптовари и уништи пензиските системи, здравството и јавните финансии, додека економскиот раст драстично ќе се успори. Дури и Обединетите нации драстично ги намалија своите долгорочни прогнози за популацијата до 2100 година.

Реагирајќи на овие шокантни податоци, американскиот милијардер Илон Маск, кој има 13 деца, уште еднаш алармираше дека белата чума е најголема закана за опстанокот на светот.

„Со години предупредувам на ова. Колапсот на населението поради нискиот наталитет е многу поголем ризик за цивилизацијата од глобалното затоплување. Ако ова продолжи, Европа ќе изумре, а причината поради која падна Рим е едноставна – престанаа да создаваат Римјани“, порача Маск.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk