Кина планира да ја изврши својата прва мисија со екипаж на Месечината пред 2030 година, за време на која двајца од тројца астронаути треба да слетаат на нејзината површина, беше објавено на Седмиот кинески симпозиум за вселенски летови со екипаж, што се одржа во Пекинг во саботата.
Ванг Сјанг, заменик-главен дизајнер на кинеската програма за вселенски летови со екипаж и главен дизајнер на програмата за истражување на Месечината, изјави дека екипажот на првата мисија на Кина е планиран да се состои од три астронаути, од кои двајца ќе останат на површината на Месечината, пренесува „Глобал тајмс“.
Мисијата ќе се базира на моделот на средба и поврзување на авиони во лунарната орбита, со употреба на две лансирни возила „Лонг Марч-10“.
Според планираното сценарио, првата ракета би испратила лунарен модул во орбитата околу Месечината, додека втората би лансирала летало со екипаж, кое потоа би се поврзало со модулот.
Двајцата астронаути би се префрлиле во лунарниот модул, кој би се одвоил од вселенското летало и би слетал на површината на Месечината, каде што би вршеле научни истражувања.
На крајот од активноста, астронаутите би се вратиле во лунарната орбита со модулот, би се придружиле на вселенското летало и, заедно со третиот член на екипажот, би се упатиле назад кон Земјата.
Според кинеските медиуми, истражувачките, развојните и градежните работи во рамките на кинеската програма за слетување на човечки екипаж на Месечината напредуваат според планираната динамика.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата