logo
logo
logo

Која била вистинската Мерцедес? ДЕВОЈКАТА ОД ВИЕНА ЧИЕ ИМЕ ГО ОСВОИ СВЕТОТ

Vecer | 16.09.2026

Која била вистинската Мерцедес? ДЕВОЈКАТА ОД ВИЕНА ЧИЕ ИМЕ ГО ОСВОИ СВЕТОТ

Мерцедес Адриен Рамона Мануела Јелинек е родена на 16 септември 1889 година во Виена, тогашна Австро-Унгарија, како ќерка на австрискиот автомобилски претприемач Емил Јелинек и неговата прва сопруга Рахел Гогман Ценроберт.

Зборот „Мерцедес“ на шпански значи „милост“ или „благодат“ и потекнува од латинскиот збор merces. Емил Јелинек бил фасциниран од шпанската култура, а Мерцедес било и популарно женско име во Шпанија, па затоа ја крстил својата ќерка со тоа име.

Девојката по која е именувана легендата

За разлика од нејзиниот татко, Мерцедес лично никогаш не покажала интерес за автомобилите, но нејзиното име извршило огромно влијание врз развојот на автомобилската индустрија. На почетокот на 20 век, Емил соработувал со компанијата „Дајмлер-Моторен-Гезелшафт“ (DMG) и побарал новиот модел на автомобил да биде именуван по неговата ќерка. Така, во 1901 година бил претставен моделот „Мерцедес од 35 КС“, што го означило почетокот на употребата на ова име за автомобилите на компанијата.

Мерцедес Јелинек живеела во Виена и се мажела двапати. Се омажила за баронот фон Шлосер во 1909 година во Ница, со кого имала две деца: Елфриде, родена во 1912 година, и Ханс-Петер, роден во 1916 година. Семејството живеело во Виена сè до Првата светска војна, која финансиски целосно ги исцрпила.

По војната, Мерцедес се нашла во исклучително тешка материјална состојба, па дури била принудена и да проси на улиците. Подоцна ги напуштила сопругот и децата и се омажила за баронот Рудолф фон Вајгл, талентиран, но сиромашен скулптор.

Починала на само 39-годишна возраст Таа починала на 23 февруари 1929 година во Виена од рак на коските, на 39-годишна возраст, и била погребана во семејната гробница во близина на нејзиниот дедо, поранешниот главен рабин на Виена, Адолф Јелинек.

Во 1926 година, компаниите „Дајмлер“ и „Бенц“ се споиле формирајќи го гигантот „Дајмлер-Бенц“, а нивните возила го добиле името „Мерцедес-Бенц“ за да се зачува легендарното име на девојката од Виена.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk