Хрватската инфлуенсерка и блогерка Кристина Ковачевиќ Хитрец ненадејно почина, оставајќи зад себе шест деца и голем број следбеници кои со години ги следеа нејзините приказни за семејството и мајчинството.
Кристина беше авторка на популарната фејсбук-страница „Мамин блог“, преку која со години отворено пишуваше за секојдневието на една мајка, семејниот живот, родителството и предизвиците со кои се соочуваат родителите.

Нејзината животна приказна и искуствата што ги споделуваше ја направија препознатлива кај голем број луѓе во Хрватска и пошироко. Нејзиниот блог го следеа повеќе од 100.000 луѓе, а преку него таа не се занимаваше само со теми поврзани со семејството, туку активно се вклучуваше и во хуманитарни иницијативи.
Покрај јавниот и хуманитарниот ангажман, Кристина била мајка на шест деца. Особено потресен е податокот дека најмалото дете го родила во април, само неколку месеци пред нејзината ненадејна смрт.
Со нејзиното заминување не остана празнина само во нејзиното семејство, туку и меѓу илјадниците луѓе кои преку „Мамин блог“ со години го следеа нејзиниот живот, размислувањата за родителството и нејзините активности во помагањето на други семејства.

Во април годинава Кристина го родила своето шесто дете, девојчето Викторија, со царски рез во загрепската болница „Петрова“.
Набргу потоа, таа јавно проговорила за искуството што го доживеала во операционата сала – момент кога, по примената на спинална анестезија, одеднаш почувствувала дека не може да вдиши.
Според нејзиното сведоштво, не станувало збор само за чувство на отежнато дишење, туку за целосно чувство дека не може да земе воздух и дека не може да зборува. Медицинскиот тим реагирал итно, а таа била успана и интубирана.
Нејзината исповед тогаш привлече големо внимание токму затоа што Кристина решила да зборува за нешто за што, како што самата кажала, претходно не знаела дека може да се случи.
Тоа што го опишала има медицинска основа како позната, но ретка и сериозна компликација на невроаксијалната анестезија.

При таканаречен висок невроаксијален блок, анестетикот може да се прошири повисоко од предвиденото и да предизвика нарушување на дишењето и кардиоваскуларната функција. Во тешки случаи може да биде потребна вентилациска поддршка и интубација. Научните податоци покажуваат дека оваа компликација е ретка, а исходот може да биде добар доколку биде препознаена и третирана навреме.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата