logo
logo
logo

Кога разговорот станува бојно поле: СУПТИЛНИ ГРЕШКИ ШТО ГИ ПРАВИМЕ ВО КОМУНИКАЦИЈАТА

Vecer | 01.09.2026

Кога разговорот станува бојно поле: СУПТИЛНИ ГРЕШКИ ШТО ГИ ПРАВИМЕ ВО КОМУНИКАЦИЈАТА

Не е важно само што говориме, туку и како ги слушаме другите. Некои наизглед безопасни навики можат да направат во разговорот да изгледаме непристојно, незаинтересирано или помалку интелигентно.

Добриот разговор не е натпревар во тоа кој ќе го има последниот збор, најдобрата приказна или најпаметниот одговор. Сепак, многу луѓе несвесно пристапуваат кон комуникацијата токму така. Според психологот Дејв Смален, одредени обрасци на однесување можат да ја нарушат поврзаноста меѓу соговорниците и да направат другата личност да се чувствува како да не ја слушаме или не ја разбираме.

Ако сакате да бидете подобар соговорник, ова се шесте навики кои вреди да ги отстраните.

Постојано ги прекинувате другите

Знаете оној момент кога некој сè уште ја нема завршено реченицата, а вие веќе имате подготвен одговор?

Прекинувањето на соговорникот може да остави впечаток дека тоа што има да го каже не ви е особено важно. Секако, понекогаш прекинуваме некого од возбуда, нетрпение или желба нешто да разјасниме, но ако тоа постојано се повторува, може да укаже на недостиг од трпение и емпатија.

Наместо однапред да смислувате што ќе кажете следно, обидете се навистина да ја сослушате личноста од спротивната страна.

Секогаш мора да имате подобра приказна

Некој ви кажува дека имал тежок ден, а вие веднаш одговарате: „Тоа не е ништо, мене ми се случи...“

Ваквата компетитивност во приказните може да го претвори обичниот разговор во натпревар. Дури и ако вашето искуство навистина било поистакнато, секој разговор не е можност да го докажувате тоа.

Смален предупредува дека споделувањето искуства може да биде начин за поврзување, но ако главната цел ни е да ги импресионираме другите, да докажеме дека сме во право или да се пофалиме, всушност бараме воодушевување, а не блискост.

Секој проблем се обидувате да го претворите во нешто позитивно

„Еј, не се нервирај, сè ќе биде супер!“

Добрата намера не е секогаш доволна. Кога некој минува низ тежок период, инсистирањето на позитивен поглед врз ситуацијата може да направи тој да се чувствува како неговите емоции да не се важни.

Пред да му објасните некому зошто „не е сè така црно“, многу покорисно е најпрво да признаете дека навистина му е тешко.

Оптимизмот е одличен, но понекогаш на луѓето им е потребно само некој да ги сослуша.

Секогаш мора да бидете во право

Некои луѓе едноставно не знаат да завршат разговор без победа.

Дури и кога темата е потполно неважна, мора да докажат дека токму тие се во право. Проблемот е што таков разговор многу брзо престанува да биде разговор и станува расправија.

Потребата да го „победите“ соговорникот ве спречува навистина да ја слушнете неговата перспектива. А целта на разговорот би требало да биде поврзување и размена на мислења, а не освојување поени.

Се однесувате како да знаете апсолутно сè

Постои разлика меѓу личност која знае нешто и личност која мора на сите да им покаже колку знае.

Ако некого непрестајно му објаснувате работи за кои не ве прашал, нудите мислење без да бидете замолени или се поставувате како авторитет за секоја тема, лесно можете да оставите впечаток на сезнајко.

Според Смален, таквото однесување може да направи другата личност да се чувствува неинформирано, дури и кога намерата не е лоша. Понекогаш потребата да покажеме колку знаеме повеќе зборува за нашето его отколку за самата желба да помогнеме.

Веднаш нудите решенија, иако никој не ги побарал од вас

Ова е веројатно една од најчестите грешки.

Некој ви се доверува и ви кажува дека има проблем, а вие веќе по неколку секунди почнувате со: „Треба да го направиш ова...“

Иако советот може да биде со добра намера, понекогаш на личноста не ѝ е потребно решение. Потребно ѝ е некој да ја сослуша.

Најдобрите комуникатори знаат кога треба да понудат совет, а кога е доволно да бидат присутни и да прашаат: „Сакаш ли да ти кажам што би направил јас?“

Интелигенцијата се гледа и во начинот на кој слушаме

Ниту една од овие навики сама по себе не значи дека некој е „глупав“, ниту пак може да го дефинира нечиј коефициент на интелигенција. Сепак, начинот на кој разговараме со другите зборува многу за нашата емоционална свест, емпатија и способноста да ја разбереме туѓата перспектива.

Понекогаш најпаметната работа што можеме да ја направиме во еден разговор не е да кажеме нешто брилијантно – туку да замолчиме, да сослушаме и да ја оставиме другата личност да ја доврши реченицата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk