Родителството знае да биде потполно различно во теорија и во пракса. Лесно е да се каже дека на детето не треба да му се вика кога сè е мирно, а многу потешко е да се остане прибран кога по третпат повторувате исто, домашната не е направена, собата изгледа како низ неа да поминал торнадо или караницата меѓу братот и сестрата ќе се претвори во сериозен судир.
Сепак, воспитувањето без викање и физичко казнување не значи воспитување без правила и граници. Целта не е родителот сè да му дозволи на детето, туку авторитетот да не го гради врз страв. Децата допрва учат како да ги регулираат емоциите, да решаваат проблеми и да ги прифатат последиците од своите постапки. Родителот е личноста од која најголемиот дел од тие обрасци прво ќе ги видат.
Овие седум правила можат да помогнат во куќата да има помалку викање, а границите сепак да останат јасни.
1. Пред да го покачите тонот, обидете се да го пронајдете вистинскиот проблем
Викањето често доаѓа дури на крајот од синџирот настани. Детето ќе добие лоша оценка, одбива да ја направи домашната задача или не сака да послуша, родителот неколку пати го повторува барањето, трпението исчезнува и гласот станува сè повисок.
Но, покачениот тон не ја решава причината поради која настанал проблемот.
Ако детето има тешкотии со математиката, можеби не му е потребна уште една критика, туку помош за да го совлада градивото. Ако секоја вечер настанува иста караница околу одредена обврска, вреди да се размисли што е нејзината вистинска причина и да се промени пристапот.
Тоа не значи дека детето треба да се ослободи од одговорноста. Напротив – границата останува, само се менува начинот на кој стигнуваме до неа.
2. Пофалете го она што детето го прави добро
Родителите често многу побрзо го забележуваат она што не е направено отколку она што е.
Ненаместениот кревет, расфрланите работи и незавршената домашна веднаш паѓаат во очи, додека добрата оценка, убавото однесување кон другарчето или самостојно завршената обврска лесно поминуваат без коментар. Пофалбата не значи дека детето треба да се велича за секоја најмала постапка. Многу е поважно таа да биде конкретна.
Наместо општото „браво“, можете да му кажете дека сте забележале колку се трудело околу задачата или дека ви се допаднало тоа што без потсетување ги собрало своите работи.
Така детето добива јасна порака кое однесување сакате да го видите повторно.
3. Не очекувајте детето да биде добро во сè
Едно дете лесно решава математика, друго фантастично црта, трето е спортски надарено, а четврто може со часови да чита.
Проблемот настанува кога родителските очекувања ќе станат поголеми од реалните можности на детето.
Тоа не значи дека треба да се откажете штом нешто не му оди. Важно е да се научи детето на упорност и работа, но постои разлика помеѓу поддршката да напредува и барањето да биде најдобро.
На детето не му е потребен родител кој од него ќе направи совршена верзија од замислено дете, туку оној кој ќе ги препознае неговите вистински способности.
4. Бидете пример за однесувањето што го очекувате
Можеби најтешкото родителско правило е и наједноставно – децата нè гледаат што правиме многу повеќе отколку што нè слушаат што зборуваме.
Ако од нив бараме да не викаат додека самите секоја расправија ја решаваме со покачен тон, пораката станува контрадикторна.
Истото важи и за извинувањето, почитувањето, начинот на кој разговараме со партнерот, односот кон обврските или однесувањето кога сме лути.
Родителот не мора секогаш да биде совршен. Ако погреши и го покачи тонот, може да се извини. Со тоа не го губи авторитетот – му покажува на детето како изгледа преземањето одговорност за сопственото однесување.
5. Бидете личност на која детето смее да ѝ ја каже вистината
Блискиот однос со детето не значи дека родителот треба да му стане Врсник.
Границите помеѓу родителот и детето и понатаму постојат, но детето би требало да знае дека може да дојде кај вас кога ќе направи проблем, ќе погреши или ќе се најде во ситуација од која не знае како да излезе.
Ако првата реакција на родителот секојпат е викање, детето може да научи нешто сосема друго од она што го сакаме – не како да не погреши, туку како следниот пат подобро да ја скрие грешката.
Целта е да знае дека ќе постојат последици кога се потребни, но и дека проблемот може да ви го каже без страв.
6. Дајте му време во кое навистина го има вашето внимание
Не е секогаш пресудно колку часови минуваме заедно, туку што правиме во текот на тоа време.
Петнаесетина минути целосно внимание можат да вредат многу повеќе од неколку часови во кои родителот истовремено одговара на пораки, завршува работа и се обидува да разговара со детето.
Читајте заедно, разговарајте, одиграјте партија од неговата омилена игра или едноставно седете и слушајте што сака да ви раскаже.
Редовното внимание гради поврзаност, а кога односот помеѓу родителот и детето е поцврст, често е полесно да се решаваат и ситуациите во кои е потребно да се постави граница.
7. Обратете внимание на сопствената состојба
Понекогаш детето не е главната причина поради која родителот вика.
Уморот, работата, финансиските проблеми, недостигот од сон, обврските што се трупаат и чувството дека немаме ни пет минути за себе можат да доведат до тоа некоја ситница да стане последната капка.
Затоа е корисно да забележите во кои ситуации најчесто го губите трпението.
Ако тоа редовно се случува кога сте уморни, во брзање или оптоварени со други проблеми, можеби дел од решението нема врска со промената на однесувањето на детето, туку со начинот на кој ги организирате сопствените обврски и реагирате на стресот.
Ниту еден родител нема да биде смирен во секоја ситуација. Ќе има денови кога ќе го покачиме тонот, ќе погрешиме или ќе реагираме поинаку отколку што сме сакале.
Поважно од идејата за совршен родител е она што се случува во поголемиот дел од времето – јасни граници, доследност, разговор и чувството на детето дека е сакано дури и кога неговото однесување не е прифатливо.
Воспитувањето без ќотек и постојано викање затоа не значи попустливост. Напротив, тоа од родителот често бара повеќе трпение и доследност, но на детето му покажува дека авторитетот и стравот не се иста работа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата