Вистинска драма и хорор сцена се одвивала на германскиот аеродром Келн-Бон откако цариниците спречиле морничав обид за шверц на повеќе од 90 опасни змии отровници и егзотични гуштери.
Осомничениот, 45-годишен мексикански пожарникар, привлекол внимание бидејќи делувал „исклучително нервозно“ додека се обидувал да помине низ зелениот премин, наменет за патници кои немаат ништо за пријавување. Цариниците веднаш направиле тест за дрога кој покажал дека мажот бил позитивен на кокаин, по што следел детален преглед на неговиот куфер.
Отровници, ѕвечарки и игуани спакувани во пакувања за шампон
Наместо наркотици, цариниците останале во тотален шок кога ги отвориле неговите торби. Внатре биле откриени дури 37 живи отровни змии (меѓу кои ѕвечарки и посаци) и 55 егзотични гуштери и игуани.
Животните биле натикани во нехумани услови – скриени во шишиња од шампони и креми, пластични садови и завиткани во чорапи. Поради долгото патување од Мексико Сити преку Истанбул, голем дел од глодарите и влекачите угинале од задушување.
– „Моите колеги се навикнати на секакви сувенири во куферите, но никогаш досега сме немале 37 живи отровници и 55 гуштери одеднаш. Дел од животните беа во застрашувачки услови“, изјави портпаролот на царината во Келн, Јенс Аланд.
Шверцерот пред цариниците се оправдувал дека опасните животни ги пренесувал само како „услуга за познаник од Бразил“. Германија веднаш му изрече забрана за влез и експресно го качи на првиот авион назад за Истанбул, додека преживеаните отровници и гуштери беа итно згрижени на германска фарма за змии.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата