logo
logo
logo

СРЕЌАТА СЕ УЧИ, ДОЛГОВЕЧНОСТА СЕ ГРАДИ: Златните правила на професорот Артур Брукс

Vecer | 03.08.2026

СРЕЌАТА СЕ УЧИ, ДОЛГОВЕЧНОСТА СЕ ГРАДИ: Златните правила на професорот Артур Брукс

Многумина би сакале да ја откријат тајната на долговечноста, а бихејвиоралниот научник Артур Брукс тврди дека го знае патот што води до долг живот. Тој ги објави сознанијата од 85-годишна студија за навиките на најсреќните и најздравите луѓе.

Според зборовите на Артур Брукс, кој е професор на Харвардската школа „Кенеди“ и Харвардската деловна школа во Бостон, постојат неколку клучни навики што среќните и здрави луѓе ги негуваат додека стареат. Во подкастот FoundMyFitness тој ги откри податоците од Харвардската студија за развој на возрасните, односно лонгитудинална студија која трае веќе 85 години, а која идентификуваше шест типични навики карактеристични за долговечните лица.

Првите три навики заслужни за долговечноста се „очигледни“, но фундаментални. Урамнотежената и нутритивно богата исхрана ги поддржува и физичкото и менталното здравје, а експертите сè повеќе ја нагласуваат важноста од внесот на влакна за здравјето на цревата и мозокот.

Кога станува збор за вежбањето, овој научник истакнува дека претерувањето може да биде контрапродуктивно и предупредува дека „зависниците од вежбање“ ризикуваат „механички оштетувања“ на телото, поради што умереноста е пресудна.

Третата навика е поврзана со пороците ‒ најсреќните луѓе се исклучително умерени и ниеден од нив не бил зависник, а доколку имале таков проблем, го надминале. „Доживотните пушачи се изложени на ризик да умрат од болест поврзана со пушењето“, додаде Брукс.

Навика која често се занемарува е доживотното учење. Луѓето кои постојано учат и остануваат љубопитни имаат тенденција да бидат поздрави и посреќни во староста. Тоа не подразбира нужно формално образование, туку често се однесува на страсно читање и општа љубопитност за светот околу себе. „Тоа е она што е навистина, навистина важно“, напомена тој во подкастот.

Уште една навика што многумина ја занемаруваат е развивањето зрели механизми за справување со стресот. Брукс го опишува овој концепт како „техника за справување со животните предизвици“ и вели дека тоа е вештина што треба активно да се развива.

„Мора да станете добри во тоа. Ако не ја усовршите таа вештина, ќе бидете лоши кога ќе се појават вистинските проблеми.“ Среќните и здрави луѓе имаат свој начин на справување со проблемите и се исклучително вешти во тоа, а некои од здравите методи вклучуваат терапија, медитација, молитва или водење дневник.

Брукс, кој ја започна колумната „Потрага по среќата“ на почетокот на 2026 година, нагласува дека среќата не е само работа на случајност, туку вештина што може да се научи. Тој ја дефинира како нуспроизвод на три „макронутриенти“: уживање (задоволство комбинирано со луѓе и спомени), задоволство (награда што доаѓа по труд и борба) и смисла (чувство за цел и кохерентност во животот).

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk