logo
logo
logo

Шок и неверување во Холандија...

Неверојатно - ЈА ПРЕЖИВЕА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА, а сега ќе го рушат заради зелена енергија

Vecer | 10.08.2026

Неверојатно - ЈА ПРЕЖИВЕА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА, а сега ќе го рушат заради зелена енергија

Малото холандско пристанишно село Мурдејк, кое преживеа жестоки бомбардирања во Втората светска војна и катастрофални поплави во минатото, денес се соочува со целосно исчезнување и тоа поради проект за зелена енергија. Повеќето од 1.150 жители стравуваат за опстанокот на своето место, кое има историја што датира уште од средниот век, пренесува „Франс 24“.

Одржливо напојување за пристаништата или уништување на заедницата?

„Зашто баш ние? Зашто нашето село?“, е прашањето што си го поставуваат сите, вели Пим Мејер од локалното здружение на жители. Холандската влада ја разгледува можноста за целосно отстранување на ова место сместено на југот од земјата, директно помеѓу гигантските пристаништа во Ротердам и Антверпен.

Причината за тоа е планираната изградба на голем комплекс за пренос на електрична енергија добиена од морските ветерници. Целта е да се обезбеди одржливо енергетско напојување за холандските пристаништа, кои се меѓу најпрометните во Европа. По куќите низ селото веќе се истакнати транспаренти со порака: „Мурдејк мора да опстане“.

Мејер истакнува дека кај мештаните преовладуваат „гнев, неверување и длабок недоверба кон власта“.

„Овде има луѓе кои се родени и израснати, некои денес се во своите деведесетти години. Некои семејства живеат тука веќе три или четири генерации. Не можете сето тоа просто да го фрлите зад себе“, додава тој.

Идеална локација за индустријата

За стручњаците по енергетика и просторно планирање, селото претставува „совршена“ локација за планираниот енергетски јазол. Сместено точно меѓу Ротердам и Антверпен, со веќе развиени поморски, автопатски и железнички врски, Мурдејк овозможува лесно затворање на енергетскиот и индустрискиот синџир.

Владиниот проект „Пауерпорт“ (Powerport) предвидува развој на неколку стотици хектари за голема енергетска инфраструктура, зелена индустрија и рециклирање во хемискиот сектор, што според надлежните е неопходно за растоварување на националната струјна мрежа.

По неколкугодишен политички пат, локалниот совет речиси се помири со исчезнувањето на селото и се чекаше само одлуката за финансиска отштета на иселениците. Но, новата холандска влада неодамна предложи алтернатива, проектот да се реализира на помала локација на самиот раб од селото, со што Мурдејк би се спасил од рушење.

Живот во неизвесност

Сепак, конечна одлука сè уште нема, а неизвесноста ги уништува мештаните. Низ улиците се гледаат контрасти: додека во еден двор стои знак за новородено бебе, соседните куќи се напуштени и запуштени. Луѓето престанаа да ги одржуваат домовите бидејќи не знаат што носи утрешниот ден, а младите семејства се иселуваат.

Дури и ако се прифати комппромисната опција за спасување на селото, прашање е колку тоа ќе биде хумано за живеење. „Со енергетските постројки од едната страна, пристаништето од другата и автопатот од третата, жителите ќе бидат целосно опколени од индустрија“, предупредуваат експертите.

Градоначалникот Арт-Јан Муркерке апелира националната влада конечно да пресече и да гарантира дека за 15 години нема да се појави нов сличен план, додека постарите жители со тага гледаат кон иднината.

„Се надеваме дека селото може да се спаси, но според мене, на крајот сепак ќе го уништат Мурдејк. Тука сите се знаеме, си помагаме и пиеме кафе заедно. Тоа е суштината на ова место, а тоа не се купува со пари и го нема никаде на друго место“, вели 72-годишниот Боб Спаанс.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk