Скоро секој барем еднаш го искусил непријатното чувство кога во текот на ноќта ненадејно ќе го разбуди силен грч во листот. Иако ноќните грчеви во нозете се многу честа појава и главно не се причина за загриженост, можат значително да го нарушат квалитетот на сонот. Нивната причина често се поврзува со дехидрација или недостаток на витамини и минерали, но стручњаците истакнуваат дека на нив можат да влијаат и други фактори. Меѓу нив се положбата на телото за време на спиењето, долготрајното мирување, како и необично физички напорниот ден, пишува Дејли меил.
Зошто грчевите се јавуваат баш ноќе?
Ноќните грчеви можат да бидат поврзани со положбата на нозете за време на спиењето. Според д-р Мохамед Емам, лекар по физикална медицина и спортска рехабилитација од болницата "Johns Hopkins Medicine" во Мериленд, начинот на кој ги држиме стапалата додека спиеме може да придонесе за појава на болен грч.
Кога стапалата се подолго време спуштени, односно кога прстите се насочени надолу, мускулите на листовите остануваат скратени и затегнати. Додека сме активни во текот на денот, одењето и другите движења им овозможуваат на мускулите постојано да се истегнуваат и собираат. Меѓутоа, за време на спиењето телото мирува, па мускулите остануваат во иста положба подолго време, што може да го зголеми ризикот од ненадеен грч. Поради долготрајното задржување на мускулот во затегната положба, листот може да стане почувствителен и посклон кон ненадејно згрчување. Грчевите можат да се појават и по ден исполнет со поголема физичка активност, како подолго одење или стоење, особено кога телото не е навикнато на такво оптоварување.
Кога грчот бара дополнително внимание?
Повремените ноќни грчеви најчесто не се причина за грижа и главно поминуваат без последици. Меѓутоа, доколку се јавуваат често или се проследени со други тегоби, не би требало да се занемарат. Во такви ситуации се препорачува разговор со лекар, посебно ако:
- Грчевите се јавуваат речиси секоја ноќ или често го прекинуваат сонот.
- Во ногата чувствувате вкочанетост, трнење или слабост.
- Се појават оток, црвенило или зголемена топлина во ногата.
- Грчевите постојано се јавуваат во истата нога.
- Тегобите започнат по воведување нов лек.
- Грчевите се проследени со необјасниво губење на телесната тежина, покачена температура или изразен замор.
На појавата на грчеви можат да влијаат и одредени лекови, вклучувајќи некои диуретици, статини, поединечни антиинфламаторни препарати, суплементи на железо и инхалатори кои се користат кај астма.
Честите и изразени грчеви понекогаш можат да бидат поврзани со проблеми во циркулацијата, стеснување на ҆рбетниот канал во долниот дел на грбот, но и со одредени невролошки заболувања. Поради тоа е важно да се обрне внимание на зачестеноста и придружните симптоми.
Што да направите кога грчот ќе ве разбуди?
Кога грчот ќе се појави во текот на ноќта, најважно е да се обидете постепено да го опуштите мускулот. Тоа можете да го направите така што нежно, но доволно цврсто ќе го истегнете листот со повлекување на стапалото и прстите кон потколеницата.
Може да помогне и да станете од креветот и неколку моменти лесно да чекорите, за мускулот да се раздвижи и постепено да се опушти.
Блага масажа на зафатениот дел исто така може да го ублажи непријатното чувство. Дополнително опуштање може да донесе топлината, па можат да помогнат топол туш или топла подлога на местото каде што се појавил грчот.
Мали трикови кои можат да спречат ноќни грчеви
Ако ноќните грчеви често се повторуваат, неколку едноставни навики можат да помогнат да ги проредите. Пред да одите во кревет одвојте минута или две за лесно истегнување на листовите и задната страна на бутовите. Корисна може да биде и кратка вечерна прошетка, бидејќи благата физичка активност ги одржува мускулите подвижни и ги подготвува за одмор.
Важна улога може да има и положбата на телото за време на спиењето. Доколку стапалата природно паѓаат надолу додека спиете, можете да поставите перница така што ќе ги задржи во неутрална положба. На тој начин мускулите нема долго да останат скратени и затегнати.
Исто така е важно да внесувате доволно течности, додека прекумерното консумирање алкохол може дополнително да влијае врз мускулите и да ја зголеми нивната склоност кон згрчување.
Дали магнезиумот навистина помага?
Магнезиумот често се наведува како едноставно решение за ноќните грчеви, но научните докази за неговата ефикасност не се целосно убедливи. Истражувањата покажуваат дека нема доволно цврсти докази дека суплементите на магнезиум сигурно спречуваат ноќни грчеви кај мнозинството луѓе. Затоа не треба веднаш да се заклучи дека секој грч е последица на недостиг на магнезиум. Причините можат да бидат различни, па поважно е да се обрне внимание на зачестеноста на грчевите и околностите во кои се јавуваат.
Кога е време за преглед?
Иако ноќните грчеви во најголем број случаи се безопасни, не е добро да се занемаруваат доколку станат зачестени, многу болни или упорно се јавуваат во истата нога. Во такви ситуации се препорачува разговор со лекар за да се утврди што ги предизвикува.
Посебно внимание треба да се обрне ако со грчевите се појават оток, црвенило, слабост, трнење, болка која долго трае или некои други необични симптоми. Во тие случаи важно е да се исклучи можноста зад наизглед безопасниот грч да се крие одреден здравствен проблем.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата