Вијаграта беше развиена како лек за лекување на висок крвен притисок (хипертензија) и болка во градите поради намален проток на крв во срцето како и други медицински појави и болести, но во текот на изминатите три децении стана најпозната терапија за еректилна дисфункција, а може да добие нова улога.
Во студија објавена во Cancer Research, научниците од лабораторијата на проф. Ајелет Ерец од Институтот за наука Вајцман открија дека силденафилот, активната состојка во Вијаграта, може да ги ограничи метастазите на ракот преку новооткриен биолошки механизам.

Истражувачите предводени од д-р Јарден Аријава од лабораторијата на проф. Ерек покажаа дека силденафилот ја ограничува способноста на клетките на ракот да го користат холестеролот, кој е клучна компонента на клеточните мембрани.
Холестеролот е особено важен за клетките на ракот кои се обидуваат да се одвојат од примарниот тумор, да мигрираат низ телото и да ги нападнат далечните органи. Кога нивниот пристап до холестерол е нарушен, овие клетки имаат помала веројатност да формираат метастази.
Силденафилот го нарушува овој биолошки механизам со блокирање на ензим наречен фосфодиестераза тип 5, или PDE5, со што се зголемува нивото на сигнална молекула позната како cGMP. Зголемените нивоа на cGMP ги шират крвните садови, зголемувајќи го протокот на крв во пенисот - ефект што ја направи Виаграта успешен лек за еректилна дисфункција.
Сепак, тимот на професорот Ерец откри дека cGMP се врзува и за протеин одговорен за транспорт на холестерол во клетките. Како резултат на тоа, помалку холестерол е достапен за потребите на клетките, и се покажува дека клетките на ракот се особено чувствителни на ова намалување на резервите на холестерол.
Комбинацијата со статини е ефикасна

Истражувачите исто така открија дека комбинирањето на лекови од семејството Виагра со статини - друга широко користена класа на лекови кои го намалуваат производството на холестерол во телото - може да биде уште поефикасно во ограничувањето на метастазите. Оваа комбинација не само што би го ограничила пристапот на клетките на ракот до постоечкиот холестерол, туку и би ги спречила да произведуваат нов холестерол, потенцијално подобрувајќи го антиметастатскиот ефект.
Истражувачкиот тим, во кој беа вклучени научници од лабораторијата на проф. Еитан Рупина од Националниот институт за рак на САД, истражувачи од одделот за иновации во здравствените услуги „Клалит“ предводени од проф. Шаим Бен-Шахар, како и лекари и научници од Медицинскиот центар „Рабин“, ги базираа своите наоди на глувчешки модели на рак, клеточни култури на човечки пациенти и податоци собрани во текот на 20 години од околу 5 милиони членови на службата „Клалит“.
Во согласност со наодите кај глувчешки и човечки клеточни култури, статистичката анализа на базата на податоци „Клалит“ покажа значително подобрено преживување кај пациенти со рак кои земаат силденафил, особено кога се комбинира со статини.

„Откривме нов биолошки пат кој поврзува добро позната сигнална молекула со регулацијата на холестеролот во клетките и покажавме како овој пат може да се користи за нарушување на способноста на клетките на ракот да формираат метастази“, рече професорката Ерец, која, покрај тоа што е виш истражувач и декан на Медицинскиот факултет „Миријам и Арон Гутвирт“ во Вајцман, е и лекар-практикант, и додаде:
„Покрај нивното терапевтско ветување, нашите наоди истакнуваат дека биологијата на ракот е обликувана не само од мутациите во туморите, туку и од метаболичката состојба на пациентот и лековите што веќе ги зема за други состојби. Нашата студија ја истакнува важноста на лекувањето на целиот пациент, а не само на ракот, при прилагодување на најефикасната терапија“, додаде таа.
Се проценува дека 90 милиони мажи ширум светот земале Вијагра откако беше одобрена за медицинска употреба во 1998 година. Повеќе од 200 милиони луѓе ширум светот моментално земаат статини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата