logo
logo
logo

Очила за сина светлина: Мит или вистинска заштита за очите?

Vecer | 02.09.2026

Очила за сина светлина: Мит или вистинска заштита за очите?

Уморни и суви очи, чувство на печење, повремено заматен вид или главоболки му се познати речиси секому кој работниот ден го поминува пред компјутер. Токму поради овие проблеми, очилата што блокираат сина светлина станаа популарни последните години – и тоа не само меѓу оние што веќе носат очила со диоптрија.

Овие очила можат да се купат во оптики, малопродажни објекти и преку интернет. Основните модели без диоптрија чинат меѓу 15 и 20 евра, голем дел од понудата се движи во распон од 30 до 60 евра, додека премиум моделите можат да чинат и повеќе од сто евра. Филтерот за сина светлина може да се додаде и на стаклата со диоптрија, при што цената зависи од видот на стаклото, јачината на диоптријата и другите слоеви.

Сепак, фактот што се широко достапни и што добро се продаваат не значи нужно дека ги даваат очекуваните резултати.

Зошто очите се заморуваат по гледање во екран?

Дигиталното напрегање на очите, познато и како синдром на компјутерски вид, е многу чест проблем. По повеќечасовна работа пред екран можат да се јават симптоми како замор на очите, сувост и печење, заматен вид, главоболки, како и болка во вратот и рамениците.

Голема мета-анализа, објавена овој февруари во списанието „Journal of Global Health“, укажа на зачестеноста на ваквите проблеми. Фан Сонг и неговите колеги од Факултетот за оптометрија при Политехничкиот универзитет во Хонгконг анализираа 63 студии и утврдија дека, во просек, околу половина од учесниците искусиле симптоми на напрегање на очите. Меѓу вработените кои работат на компјутер тој процент изнесувал 77 отсто, при што долготрајното гледање во екран е препознаено како значаен фактор на ризик.

Сепак, сè повеќе има докази дека сината светлина што ја емитуваат екраните не е единствениот виновник за овие тегоби; проблемот е посложен и е поврзан со начинот на кој гледаме во екраните.

Во прегледот објавен во 2024 година, американскиот истражувач Ендру Пакер (Andrew Pucker) и неговите колеги истакнуваат дека луѓето поретко и некомплетно трепкаат кога се фокусирани на работата на компјутер. Тоа доведува до побрзо исушување на површината на окото, што може да предизвика чувство на печење, чувство на присуство на страно тело (како песок) и повремено заматување на видот.

Истовремено, долготрајното гледање во објекти на мала оддалеченост ја оптоварува способноста на окото да одржи постојан фокус. Нелагодноста дополнително може да ја влошат неодговарачката диоптрија, одблесокот на мониторот, лошото осветлување или неправилната положба на екранот. Соодветно на тоа, очите навистина можат да се чувствуваат уморни по цел ден поминат пред компјутер, но сината светлина не е нужно главниот виновник. Почесто, проблемот произлегува од комбинација на долготрајна работа што бара гледање од близу, намалено трепкање, сувост на очите и условите во кои се користи екранот.

Што велат истражувањата за очилата што ја филтрираат сината светлина?

Најсеопфатната проценка за ефикасноста на очилата со филтер за сина светлина ја објави организацијата „Cochrane“ – независна меѓународна мрежа на истражувачи која систематски ги собира и проценува најдобрите достапни докази за ефикасноста на медицинските процедури и терапии.

Тимот предводен од истражувачи од Универзитетот во Мелбурн анализираше 17 рандомизирани студии од шест земји, кои опфатија вкупно 619 учесници.

Меѓу авторите беа и професорката по оптометрија Лора Дауни, истражувачот Сумир Синг и британскиот професор Џон Лоренсон. Резултатите не ги поткрепија повеќето тврдења што се користат за промоција на ваквите очила.

Очилата што ја филтрираат сината светлина веројатно не го намалуваат краткорочниот замор на очите поврзан со користењето компјутер ништо повеќе од стандардните, проѕирни стакла, а не е уочена ниту клинички значајна разлика во острината на видот. Не постојат доволно клинички податоци што би ги поткрепиле тврдењата дека тие ја штитат макулата – централниот дел од мрежницата одговорен за остар вид – бидејќи таков ефект не е соодветно истражен.

Дауни изјави дека најдобрите достапни докази не поддржуваат рутинско препорачување на овие стакла за општата популација со цел намалување на заморот на очите, подобрување на видот или заштита на мрежницата.

Синг истакнува дека изложеноста на сина светлина од екраните на компјутерите е приближно илјада пати помала од изложеноста на дневна светлина. Што повеќе, стандардните, речиси проѕирни стакла што ја филтрираат сината светлина блокираат само околу 10 до 25 проценти од синиот спектар. За поефикасно блокирање потребни се значително потемни стакла – обично со боја на килибар – кои можат да ја изменат перцепцијата за боите.

Дали сината светлина навистина им штети на очите?

Сината светлина е природен дел од видливиот спектар, а Сонцето е нејзиниот примарен извор. Во лабораториски услови, многу интензивна светлина од одредени бранови должини може да ја оштети мрежницата, но тоа не може директно да се спореди со секојдневната употреба на мобилните телефони или компјутерите.

Меѓународната комисија за осветлување (CIE) исто така ја истакнува оваа разлика. Организацијата наведува дека терминот „опасност од сина светлина“ се однесува на потенцијалот за фотохемиско оштетување на мрежницата поради изложеност на исклучително јаки извори, како што е директното гледање во Сонцето или во лакот при заварување. До такво ниво на изложеност не доаѓа при користење стандардни ЛЕД-извори и екрани.

CIE наведува дека во моментов нема доволно научни докази што би ја поврзале вообичаената изложеност на сина светлина со развојот на макуларна дегенерација поврзана со стареењето.

Британскиот колеџ за оптометристи застапува сличен став; ова стручно тело заклучува дека достапните докази не ја поддржуваат рутинската употреба на очила со филтер за сина светлина со цел намалување на напрегањето на очите или заштита на мрежницата.

Дали очилата што ја блокираат сината светлина помагаат за подобрување на сонот?

Светлината игра клучна улога во регулирањето на нашиот внатрешен биолошки часовник, а синиот дел од спектарот има посебно силно влијание врз клетките на мрежницата кои му испраќаат сигнал на мозокот дали е ден или ноќ. Соодветно на тоа, изложеноста на јака светлина во вечерните часови може да го потисне производството на мелатонин, да нè одржи будни и да ја одложи појавата на поспаност.

Затоа, намалувањето на изложеноста на сина светлина во вечерните часови има физиолошка смисла. Сепак, тоа не значи дека очилата што ја филтрираат сината светлина самите по себе ќе ги решат проблемите со спиењето.

Франсиско Луна-Рангел и неговите колеги од институтот „Tecnológico de Monterrey“ во Мексико објавија во 2025 година мета-анализа во која го проценуваа влијанието на таквите очила врз сонот. Анализата опфати само три рандомизирани испитувања со вкупно 49 учесници. Учесниците кои носеле очила со филтер за сина светлина заспале во просек околу пет минути порано и спиеле околу девет минути подолго, но тие разлики не биле статистички значајни.

Соодветно на тоа, авторите заклучуваат дека во моментов нема доволно цврсти докази што би потврдиле дека таквите очила сигурно го подобруваат сонот. Исто така е важно да се напомене дека не сите очила се исти. Проѕирните стакла филтрираат само мал дел од сината светлина, додека стаклата со боја на ќилибар или портокаловите стакла ја блокираат многу поефикасно. Токму тие појаки филтри почесто се користат кога целта е да се влијае врз вечерната будност и циркадијалните ритми.

Како може да се намали напрегањето на очите предизвикано од гледање во екран?

Тоа не значи дека лицата на кои очилата со филтер за сина светлина лично им помагаат треба да престанат да ги користат. Досегашните истражувања не покажаа сериозни ризици поврзани со нивната употреба. Сепак, за луѓето чии очи стануваат суви, печат или имаат заматен вид по повеќечасовна работа на компјутер, покарисно би било да ги прилагодат своите работни навики отколку да очекуваат дека посебните стакла ќе го решат проблемот.

Експертите препорачуваат правење редовни кратки паузи, почесто и целосно трепкање, намалување на одблесокот на мониторот, обезбедување соодветно осветлување, како и одржување правилна оддалеченост и положба на екранот. Исто така е важно да се провери диоптријата, посебно кај лицата кои имаат проблеми со видот наблизу.

Вештачките солзи можат да помогнат кај изразена сувост на очите. Често се споменува и правилото „20-20-20“: отприлика на секои 20 минути треба да се тргне погледот од екранот на 20 секунди и да се гледа во нешто оддалечено околу шест метри.

Што се однесува до сонот, пологично е да се намали вкупното ниво на светлина, да се придуши осветлувањето и да се намали осветленоста на екранот во вечерните часови отколку да се потпира исклучиво на очилата. Што повеќе, мобилните телефони и компјутерите не нè држат будни само поради светлината; работата, пораките, социјалните мрежи, видеоиграњето или интересните содржини исто така можат да го одложат заминувањето на спиење.

Очилата што ја блокираат сината светлина така станаа едноставно и лесно достапно решение за проблем кој несомнено постои. Сепак, научниот консензус засега е прилично јасен: дигиталното напрегање на очите е реално, но не постојат убедливи докази дека сината светлина е главниот виновник за тоа, ниту дека посебните очила можат значително да ја спречат таа појава.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk