Белата супа е кремаста, малку киселка и полна со зеленчук. Најчесто се подготвува со пилешко месо, компири, моркови и јајца, додека павлаката додадена на крајот ѝ ја дава карактеристичната бела боја и полниот вкус.
Подготовката не е комплицирана, а супата е уште повкусна кога ќе отстои малку. Може да се послужи како предјадење, но со парче свеж леб лесно станува и одличен лесен главен оброк.
Состојки:
- 400 г пилешко месо (без кожа и коски)
- 2 компири
- 2 моркови
- 1 главица кромид
- 1 корен од магдонос
- 1 лажица масло
- 1,5 л вода
- 1 ловоров лист
- 2 лажици брашно
- 1 јајце
- 200 мл павлака
- сок од половина лимон
- сол, црн пипер и свеж магдонос (по вкус)
Подготовка:
- Исечете го пилешкото на помали парчиња. Ситно исечкајте го кромидот, а морковот, компирот и коренот од магдонос исчистете ги и исечете ги на коцки.
- Загрејте го маслото во големо тенџере, па кратко запржете го кромидот додека не стане проѕирен. Додадете го пилешкото и пропржете го неколку минути, колку месото да побели од сите страни.
- Додадете ги морковот, компирот и коренот од магдонос, па прелијте сè со водата. Додадете ги ловоровиот лист, малку сол и црн пипер. Гответе на средна температура околу 30 минути, односно додека зеленчукот и месото не омекнат.
- Во посебен сад измешајте го брашното со малку ладна вода за да ги разбиете сите грутки. Истурете ја смесата во супата со постојано мешање и гответе уште неколку минути.
- Засебно изматете ги јајцето и павлаката. За да не се згрутчи павлаката, постепено додавајте неколку црпалки врела супа во смесата со постојано мешање (за да се изедначи температурата). Потоа, полека истурете ја смесата назад во тенџерето, постојано мешајќи.
- Додадете сок од лимон, како и дополнително сол и црн пипер доколку е потребно. Гответе уште една до две минути на многу тивок оган, но внимавајте супата да не зоврие откако ќе ги додадете павлаката и јајцето.
- На крајот, посипете со ситно сечкан свеж магдонос.
Совет:
Ако сакате погуста и покремаста бела супа, можете да ја зголемите количината на павлака или да додадете уште половина лажица брашно. За поблаг вкус, започнете со една лажица сок од лимон, па додавајте повеќе по желба.
Белата супа традиционално се служи топла, со свеж леб или домашни погачки.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата