Три европски земји одлучија: ЌЕ ГРАДАТ ГАСОВОД

Vecer | 21.10.2022

Три европски земји одлучија: ЌЕ ГРАДАТ ГАСОВОД
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Шпанија, Португалија и Франција најавија дека ќе изградат подводен гасовод за пренос на водород и гас меѓу Барселона и Марсеј.

Португалскиот премиер Антонио Кошта рече дека рутата, наречена Бармар, главно ќе се користи за пумпање зелен водород и други обновливи гасови, но и привремено ќе овозможи транспорт на „ограничена количина“ на природен гас за да се олесни енергетската криза во Европа, објави Ројтерс.

- Гасоводот е одговор на повиците за солидарност од нашите европски партнери пред уцената на рускиот претседател Владимир Путин, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез за новинарите во Брисел, каде тројцата лидери се сретнаа денеска.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека „императив е Европа да остане обединета“.

BarMar го решава ќор-сокакот меѓу Шпанија и Португалија, кои сакаа да го продолжат гасоводот MidCat за да можат да продаваат гас во централна Европа, и Франција, која тврди дека изградбата на гасоводот ќе потрае предолго за да се решат краткорочните проблеми со снабдувањето.

„Добра вест, една од најстарите блокади во Европа е надмината“, рече Кошта.

Шпанија и Франција, исто така, се согласија да ја забрзаат електричната интерконекција преку Бискајскиот залив и да идентификуваат и да работат на други врски меѓу двете национални мрежи, се вели во заедничката изјава.

Лидерите на трите земји се договорија повторно да се сретнат во Аликанте, Шпанија, на 9 декември за да одлучат за временската рамка за изградба и како да ја финансираат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk