„Binance“, најголемата светска берза за криптовалути, синоќа потврди дека во хакерски напад биле украдени дигитални средства во вредност од 6,3 милијарди долари, пренесува BBC.
Компанијата соопшти дека, со помош на партнерски платформи, успеала да замрзне приближно половина од таа сума, додавајќи дека ќе ги „покрие сите настанати загуби“.
Првичните внатрешни проверки укажуваат на тоа дека пробивот веројатно потекнува од компромитиран лаптоп што му припаѓал на еден од нивните инженери, што му овозможило на напаѓачот неовластено да повлече огромни парични суми. Истрагата укажува на познати севернокорејски хакери.
Компанијата за истражување на сајбер-безбедност „TRM Labs“, која во своите истраги користи вештачка интелигенција, го припишува овој пробив на севернокорејската хакерска група „TraderTraitor“.
Овој напад далеку го надминува претходниот рекорд – кражбата од 2025 година на берзата „Bybit“, при што беа украдени 1,5 милијарди долари.

„Оваа проценка ја даваме со висок степен на сигурност“, наведуваат од TRM Labs во својот извештај, додавајќи дека неколку елементи од нападот целосно се совпаѓаат со претходни операции поврзани со режимот во Пјонгјанг, вклучително и инцидентот со Bybit.
Ари Редборд, главен аналитичар во TRM Labs, изјави за BBC дека овој грабеж претставува „пресвртна точка“, каква што крипто-индустријата досега нема доживеано. Тој додаде дека сторителот сè уште поседува огромна сума од украдените средства, што значи дека потрагата по нив всушност допрва започнува.
Од Binance не одговорија директно на прашањето на BBC за можна поврзаност со Северна Кореја, туку само наведоа дека „тесно соработуваат со органите на прогонот за да ги идентификуваат сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата