СЕ ГРАДИ ГАСОВОДОТ СО ГРЦИЈА, СЕ ПОДГОТВУВА И СО СРБИЈА

Vecer | 28.10.2026

СЕ ГРАДИ ГАСОВОДОТ СО ГРЦИЈА, СЕ ПОДГОТВУВА И СО СРБИЈА

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги отфрли како неточни тврдењата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека државата се откажува од гасификацијата и од отворањето нови правци за снабдување со природен гас. Од Министерството посочуваат дека интерконекторот со Грција се гради со обезбедено финансирање, дека се подготвува поврзувањето со Србија и дека се работи на оспособување на домашната гасоводна мрежа за ставање во функција.

– Филипче треба да одговори на едноставно прашање: како државата се откажува од гасификацијата ако гасоводот со Грција се гради со инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој? – прашуваат од Министерството во реакцијата на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ.

Според проектните податоци од 19 октомври, на македонската делница од гасоводот се испорачани 64 километри цевки, заварени се 43 километри, а 18 километри се поставени во ров. Експропријацијата, како што наведуваат од Министерството, е реализирана во обем од 97 проценти.

– Тоа се конкретни работи на терен, а не политички најави – се наведува во реакцијата.

Паралелно со изградбата на интерконекторот со Грција, се работи на трасата и на проектирањето на поврзувањето со Србија, информираат од Министерството.

Според институцијата, новите интерконекции треба да создадат услови за повеќе правци и извори на снабдување со природен гас. Оттаму оценуваат дека поврзувањето на буџетските усогласувања со наводна определба за зависност исклучиво од руски гас ја изоставува токму работата што се спроведува за диверзификација на снабдувањето.

Од Министерството потсетуваат дека утрово веќе појасниле оти изградбата на гасоводите и планираната набавка и складирање природен гас за стратешки резерви се одделни процеси, со различни финансиски и технички предуслови.

Обезбедувањето стратешки резерви, како што наведуваат, зависи и од достапниот складиштен простор и од транспортните капацитети. Затоа, според Министерството, буџетската промена сама по себе не е доказ дека инфраструктурните проекти се напуштаат.

– Од претседателот на СДСМ очекуваме одговорна критика, заснована на целосни информации. Издвојувањето бројки без да се објаснат намената на средствата, одделното финансирање и напредокот на проектите ја доведува јавноста во заблуда. Политичката пресметка не смее да биде поважна од точното информирање на граѓаните – порачуваат од Министерството.

Оттаму нагласуваат дека гасификацијата продолжува и дека институцијата останува отворена за конкретни прашања, како и за проверка на документите и резултатите од проектите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk