Германија заплени танкер пронајден напуштен крај нејзиниот брег во јануари, за кој се верува дека е дел од руската „флота во сенка“ што се користи за заобиколување на нафтените санкции, објави германскиот магазин Der Spiegel.
Танкерот под панамско знаме, наречен „Евентин“, беше запленет од германските поморски власти откако беше пронајден во близина на островот Руген во Балтичкото Море, што предизвика остри критики од Берлин кон Москва, објави Ројтерс.
Според информациите од извештајот, издадена е наредба за запленување на танкерот, што значи дека бродот и неговиот товар од околу 100.000 метрички тони нафта, вреден околу 40 милиони евра, сега станале германска сопственост.
Стариот танкер, кој пловел од Русија кон Египет, исто така предизвика загриженост за можноста од излевање на нафта.
„Евентин“ беше вклучен во 16-тиот пакет санкции на Европската унија, кој е насочен против Русија поради војната во Украина.
Пакетите со санкции имаат за цел да извршат дополнителен притисок врз руската „флота во сенка“, бродови кои превезуваат нафта, оружје и жито со кршење на санкциите и не се регулирани или осигурани од конвенционалните западни даватели на услуги.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата